сабота, 27 април 2024

Жан Пјер Симеон добитник на годинашниот „Златен венец“ на СВП

Францускиот поет Жан Пјер Симеон е годинашниот добитник на наградата „Златен венец“, додека пак наградата „Мостови на Струга“ годинава ја освои германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“, соопштија од Управниот одбор (УО) на фестивалот Струшки вечери на поеијата (СВП).

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева во обраќање на прогласувањето на добитниците во МАНУ, посочи дека Жан Пјер Симеон е поет со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски домени.

Како што додаде, Симеон е сестран автор, комплексна и творечка фигура, интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозеист, драмски автор, но и хуманист.

„Поезијата на Симеон за себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција како што е француската, која што ја краси возвишениот идеал на песната, како кралство во кое живее и опстојува убавината на љубовта. Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самостојна дидактика на љубовта“, посочи Шелева.

Лидија Капушевска Дракулевска, член на Управниот одбор која го објави добитникот на „Мостови на Струга“,  информираше дека на конкурсот пристигнале повеќе од 40 наслови, што е рекорден број до сега.

Таа напомена дека во збирката „Вакви денови имало отсекогаш“, Катрин Пиц се соочува со својата способност да памети, да држи работи во свои раце и да ги фати за рака луѓето кои се на работ на исчезнувањето.

„Катрин Пиц е родена во 1989 година во Маргбург. Таа е германска писателка, преведувачка и инженер. Нејзината прва поетска збирка е објавена во 2022 година. Во неа таа се соочува со својата способност да памети, да држи работи во свои раце и да ги фати за рака луѓето кои се на работ на исчезнувањето. Опкруженоста со технички структури кои во секој момент можат да престанат да работат или да продолжат да функционираат е уште една тема која се повторува во нејзината поезија. Таа тековно работи на своја втора поетска книга“, посочи Капушевска Дракулевска.

Директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски рече дека оваа година ја обновуваат наградата „Млада Струга“ што ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на фестивалот. Тасевски напомена и дека покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ оваа година ќе биде Делегацијата на ЕУ, преку Европска Куќа во Струга – најновата членка на мрежата на Европска Куќа.

Заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау во обраќањето оцени дека Делегацијата на ЕУ е среќна што стана партнер на Струшките вечери на поезијата и што преку Европската куќа во Струга ќе може да придонесе во прославата на моќта на поезијата.

По свеченото прогласување на добитниците во МАНУ, продолжи традиционалното поетско читање на кое настапија истакнати поети – членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети.

Поетот,  драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил  повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.

Жан-Пјер Симеон предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки.

За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу домашни и  меѓународни награди.

Жан-Пјер Симеон е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Жан Пјер Симеон вели дека пред неколку години се осмелил да непише есеј под наслов „Поезијата ќе го спаси светот“ и дека „таа безусловна афирмација од насловот на многумина на земјината топка кои веруваат дека поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти, им се чинеше дека е смешна.

„Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани- е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет“, вели Симеон во своето обраќање.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ