вторник, 18 март 2025

Згрижените пациенти во Солун и Анкара се во стабилна состојба, новите критични и денеска се испараќаат во странство, информираа надлежните

Сите пет пациенти примени во болниците во Солун се во стабилна состојба, објави министерот за здравство Арбен Таравари, кој заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, изутринава беа во посета на повредените од пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во болницата Папаниколау и Воената болница во Солун. Неговиот заменик, Јовица Андовски пак изјави дека состојбата на повредените во дискотеката во Кочани кои се на лекување во Скопје е релативно стабилна, но не може да се каже каква ќе биде понатаму, бидејќи уште е рано. Со оглед дека се исполнети капацитетите во соседството, од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија, информираше директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски по посетата на болницата ГОБ 8 Септември. Две лица тешко повредени во пожарот во Кочани пристигнаа во Хрватска и се на лекување на Клиниката за трауматологија на болницата Сестри на милосрдието во Загреб, соопшти денеска хрватската Влада. Директорот на Центарот за Трансфузиона медицина во Скопје, Амир Елези информираше дека има доволно крв за сите крвни групи за потребите на сите болници и клиники во земјава.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во болницата Папаниколау се хоспитализирани три лица, а во Воената болница уште двајца повредени, сите со тешки изгореници.

„Денеска во раните утрински часови заедно со министерот за надворешни работи г.Тимчо Муцунски и со Д-р Илир Вела дојдовме во Солун за да ја видаме состојбата на пациентите хоспитализирани овде. Само што излеговме од Општата болница  Папаниколау и Воената болница во Солун, сите пет пациенти примени во овие болница се во стабилна состојба! Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и влада за нивната посветеност и помош! Ќе ве информираме за другите пациенти!“, напиша Таравари на фејсбук.

Неговиот заменик, Јовица Андовски пак изјави дека состојбата на повредените во дискотеката во Кочани кои се на лекување во Скопје е релативно стабилна, но не може да се каже каква ќе биде понатаму, бидејќи уште е рано.

„На клиниката за пластична хирургија има хоспитализирано 17 пациенти, на Токсикологија 13, на Торакална четири, Траума двајца, Детска хирургија шетири, Карил 14, Стара градска 12, Градска општа болница 8 Септември 18, Штип тројца, Пулмологија двајца, или вкупно 89 пациенти во земјава“, информираше Андовски.

Вкупно 76 пациенти се транспортирани на лекување во странство. Последни, ноќеска биле префрлени во Хрватска, Словенија и Виена по двајца, тројца во Атина.

Планирани се уште префрлувања во странство. Во Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и Словенија.

Стигнати се доктори од неколку странски земји. Докторите од Белгија биле на терен и правеле анализа на најтешко повредените на КАРИЛ. Од Израел дошле неколкумина а се очекуваме уште неколку, ќе биле распределени во Клинички центар и ГОБ 8 Септември. Пристигнале и по шест доктори од Чешка и ВМА од Белград.

Андовски соопшти дека од шест пациенти во Анкара од кои првично пет биле интубирани, сега биле екстубирани, значи состојбата им се подобрила.

Со оглед дека се исполнети капацитетите во соседството, од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија, информираше директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски по посетата на болницата ГОБ 8 Септември.

Според Клековски, сите пациенти се живи и тоа, како што напомена, е голем успех, а критичните се испратени во специјализирани центри во странство.

„Ги уверувам членовите на семејствата дека сите пациенти, до последен, се мобилизирани и се прават максимални напори за нивно лекување. Нема ниту еден критичен пациент да не е згрижен во институција за изгореници, а Владата овозможи родителите да бидат со нивните деца“, потенцира Клековски, додавајќи дека ова не е битка од 72 часа, туку ќе трае со недели и месеци.

Директорот на Фондот подвлече и дека податоци за пациентите нема да се соопштуваат лично.

„Медиумите да не очекуваат информации за тоа кој пациент во каква состојба е, странските болници инсистираат комуникацијата да биде преку Министерството за здравство“, рече Клековски.

Директорот на ГОБ 8 Септември Синиша Стојаноски информира дека засега нема критични пациенти, сите се во стабилна состојба. Повеќето имаат изгореници од втор и трет степен, најмногу на главата и дланките. Други повреди се од вдишување врел воздух и издувни гасови, како и трауматски набиеници и скршеници.

„Болницата максимално ќе се гиржи за сите пациенти и за оние што потенцијално ќе бидат упатени тука, тимот безрезервно се вложува. Протоколите се запазуваат максимално, изгорениците се отворени рани и се внимава да не дојде до потенцијални инфекции на раните“, изјави Стојаноски.

Прмеиерот Мицкоски апелира секој што бил во периметарот на ужасниот настан да се јави на доктор независно дали чувствува проблеми или не.

„Како Влада правиме се што можеме за да спасиме човечки животи“, потенцира Мицкоски.

Ова беше најтрагичниот момент во историјата на мојот народ, момент што засекогаш ќе остане во колективната меморија, но исто така она што ќе остане во нашата колективна меморија и не треба никогаш да го заборавиме е солидарноста што ја добивме, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Солун по посетата на повредените од пожарот во Кочани, хоспитализирани во болницата Папаниколау, јави дописничката на МИА од Грција.

По посетата на болницата Папаниколау, во изјава за грчките медиуми, шефот на дипломатијата истакна дека од она што биле информирани, „пациентите се во сериозна, но стабилна состојба“.

„Она што го видовме и посведочивме утрово е прекрасна медицинска помош. Заедно со мојот колега, министерот за здравство дојдовме денеска овде за да ја изразиме нашата благодарност, да се молиме дека никогаш нема да треба да возвратиме на ваков тип на длабока солидарност. Благодарност до грчките граѓани, до грчката Влада за нивната отвореност“, рече Муцунски.

Две лица тешко повредени во пожарот во Кочани пристигнаа во Хрватска и се на лекување на Клиниката за трауматологија на болницата Сестри на милосрдието во Загреб, соопшти денеска хрватската Влада.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ