За зголемувањето на платите на функционерите, пак, напомена Бесими, секоја институција поединечно постапува. Министерствата вршат исплати во рамки на нивните буџети за вработените, функционерите од Владата се исплаќаат од Владата, а тие од Собранието од Собрание. Пренамена на средствата се прави во секоја институција каде што се исплаќа платата.
„Секоја институција поединечно си постапува и си гледа каде има расположиви средства со реалокација на средства така што тоа е дел на секоја институција сама по себе. Додека Владата се однесува на делот што се избрани функционери кои се исплаќаат од Владата, потоа има именувани функционери – на пример за пратениците во Собранието се плаќа од Собрание, градоначалниците се плаќаат од општините, советниците во општините се плаќаат од општините. Има избрани функционери на локално и на централно ниво и секоја институција како што си добиваа плата таму си ги распределуваат во нивните буџети“, рече Бесими по економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста”.
На новинарско прашање дали се најде компромис со синдикалците и дали оваа година може да се очекува покачување на платите во јавната администрација, Бесими нагласи дека меѓу едното и другото треба да се прави дистинкција.
„Разговорот со синдикатите во јавниот сектор е постојан разговор во рамките на Економско-социјалниот дијалог и овие барања се сосема легитимни и не се поттикнати од тоа што во Уставниот суд се укина член кој се однесуваше на избраните функционери кој е во рамките на закон и кој е од поодамна важечки и тоа не е покачување на плата како владина политика. Напротив, Владата се упати со официјален допис до Уставниот суд дека не треба да го укине тој член. Додека разговорот со синдикатите е независно од тоа. Коинцидира временски тоа што треба да го завршиме, но важно е дека таму треба да се реши системски, тоа што го кажав, и веќе сите разговори се водат таму во однос на утврдување методологија која ќе биде подеднаква за сите во јавниот сектор и тоа после да биде решение не само за вработените, туку и за функционерите во иднина. Мислам дека тука сме на добар пат – само на следните состаноци да ги наоѓаме кои се можните решенија за надминување на оваа дилема сега што е во јавноста полека се решава. Како што не е веќе тема на преговори утврдување на минимална плата, не е тема на преговори за зголемување на пензијата зашто ги решивме во минатите години со закон и со методологии кои се системски, законски и важат за сите за кои се регулира таа материја и нема таму потреба секоја година да се преговара во смисла на обезбедување на нивните права како што се пензија, минимална плата. Така ќе се реши системски и ова прашање“, рече Бесими.