Милена Томановиќ од Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на прес-конференција најави дека овој посилен земјотрес можел да предизвика одредена штета во епицентарот. Тој се случи во пограничната област на Црна Гора и БиХ, јави РТЦГ.
Таа соопшти дека во таа зона и претходно имало земјотреси до јачина од 5,5 степени.
„Не можеме да предвидиме дали може да се повтори земјотрес со иста јачина или посилен. Она што можеме да го кажеме е дека имавме 30 последователни земјотреси од 5,3 до 1,5 степен според Рихтеровата скала“, соопшти Томановиќ.
„Ќе видиме каков ќе биде трендот“, рече Томановиќ и додаде дека „кога живееме во сеизмички активно подрачје, секогаш треба да бидеме внимателни“.
Земјотресот бил почувствуван низ целата земја, но и во државите од регионот. Сеизмологот Срѓан Цековиќ од Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија за порталот РТЦГ претходно изјави дека длабочината на земјотресот бил на 14 километри.
Тој вели дека Институтот примил многу пријави од граѓани кои биле вознемирени. Тој наведува дека е добро што епицентарот бил во ненаселено место.
„Најсилно се почувствува околу Билеќа со интензитет од шест степени“, посочува Цековиќ, кој додаде дека по главниот земјотрес следеле уште 30 земјотреси.