Неопходно е, додаваат, да се расчистат и одводните канали за полесно одлевање на површинските води.
„Под влијание на серија влажни бранови времето ќе биде променливо облачно, наместа со врнежи од дожд. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка. Ваквите временски услови, со нови врнежи од дожд, се очекува да ја подобрат состојбата на влага во почвата, која е потребна кај житните култури, кај овошните видови, кај виновата лоза. Обезбеденоста со вода е многу важен услов за нормален раст и развој кај сите култури. Исто така и есенските посеви продолжуваат со развој за што им е потребна висока влага. Водата исто така е неопходна и за останатите култури, поради нивниот интензивен развој има и поголема потрошувачка на вода“, велат агрометеоролозите од УХМР.