сабота, 4 јануари 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Земја

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Граѓанинот Шљупков имаше едно нивче. Едно мало парче земја. Меѓутоа, како што тоа бидува, на дребното парче земја му се намерачија комшиите и повтеа да го присвојат за себе.

Прв се јави граѓанинот Пуцими, кој го присвои нивчето на Шљупков во име на човековите права. Имено, неотуѓиво човеково право на граѓанинот Пуцими беше да го поседува нивчето на Шљупков. Секако, во еден демократски поредок заснован на меѓународното право, Шљупков исто така имаше неотуѓиви права: Шљупков го имаше неприкосновеното право да му го даде нивчето на граѓанинот Пуцими, и тоа сосе страшилото сред нива!

Веднаш потоа  се јави граѓанинот Папаполапитис кој го присвои нивчето на Шљупков во име на демократијата и добрососедските односи. Оти, нели, добрите соседи сè мора да делат, па така Шљупков мораше да го подели своето нивче со Папаполапитис, додека за возврат Папаполапитис великодушно ги сподели своите чизми со задникот на граѓанинот Шљупков.

Се разбира дека и граѓанинот Дубаров не можеше да заостане во развивањето на добрососедските односи со соседот Шљупков и во унапредувањето на демократијата во неговото нивче, кое, токму во името на унапредувањето на демократијата и приближувањето кон западните вредности мораше да му припадне на граѓанинот Дубаров. Имено, нивчето на граѓанинот Шљупков беше западно од меѓата на Дубаров, па така, Дубаров, зачекорувајќи на нивчето на Шљупков, воедно правеше и значаен напредок кон западните вредности.

Впрочем, граѓанинот Дубаров, навистина, се покажа можеби најлиберален во однос на останатите соседи на Шљупков: моделот на стопанисување кој граѓанинот Дубаров го предлагаше беше – двајца стопани, едно нивче. Со тоа што граѓанинот Шљупков во новото стопанство мораше да потпише дека ја презема улогата на магаре. Или модерно кажано: се идентификува како магаре!

И така, без земја, граѓанинот Шљупков – си липса.

Приказната, сепак, не завршува тука. Имаше уште многу други граѓани (обично познати како странски инвеститори и претприемачи) на многу други места, кои во името на демократијата, либералните вредности, владеењето на правото, слободниот пазар и ѓавол да го земе што сè не друго ја приграбуваа земјата и нејзините богатства од своите соседи, неретко ограбувајќи ги и разграбувајќи ги и самите соседи – до коска!

Меѓутоа, колку и земја да приграбеа овие светилници на либерализмот, колку и прогресивни и филантропски да беа нивните мотиви, капиталната добивка на крајот секогаш завршуваше кај земјата! Имено, што и да смераа, што и да сновеа, колку и високо да се вивнеа со суети или со ракети – таа секогаш неумоливо ги влечеше назад кон себе, потсетувајќи ги на нивната похотна и ненаситна љубов што ја имаа кон неа и нејзината многуродна утроба натежната од жито, оган и скапоцени минерали, и ги грабнуваше во својата постела со вечен стисок, засекогаш – им било ним тоа мило или не! И тоа гледај – за разлика од нив, нејзе не ѝ треба ниту унии и алијанси, ниту судови, ниту некакви си вредности и меѓународен легитимет, ниту пари, ниту демократски бомби и проектили, ниту какви и да се слични зафрканции – сè што ѝ требаше беше легитимитетот на – времето! Можеби затоа тие и ѝ беа толку лути и бесни, па сенешто ја делеа, парчеа, пљачкосуваа, бомбардираа, труеја, дупчеа, пустошеа, обидувајќи се по секоја цена да ја сотрат!

Таму негде, во некое ќоше од пеколот под неговото нивче, Шљупков ги беше навалил казаните за ракија и трпеливо печеше препеченица зачинета со лути пиперки (за подобрување на варењето и унапредување на демократијата) за – кога ќе дојде времето – да ги дочека господата Пуцими, Папаполапитис и Дубаров топтан со нивните демо(н)кратски сватови – како што на еден добар сосед му прилега!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Греење со топлински пумпи: нема согорување на гориво

Светлана Јовановска

Дали 2025 ќе биде годината на Трамп?

Данијела Зорчец

Предизвикувачки однесувања кај деца со тешкотии во развојот: Што треба да...

Ристо Цицонков

Енергетска ефикасност – УКИМ треба дабиде добар пример

Сања Божиновска

Eнергетската иднина на Македонија се гради денес

Андреј Мачковски

Преку космичко зрачење до археолошко датирање

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ