петок, 10 јануари 2025

Земан: Трамп ќе постигне мир во Украина со уценување

Поранешниот претседател на Чешка Милош Земан оцени дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп како авторитарен лидер со бизнис-стил во политиката може да ѝ донесе мир на Украина така што ќе ги уценува и Киев и Москва.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Дали тоа ќе биде мир, не знам. Ако биде, тогаш тоа ќе биде мир, и тука не мислам ништо лошо, кој ќе биде заснован на уценување на двете страни. Значи: Руси, ако не сакате да преговарате, ќе ѝ дадеме на Украина ново оружје. И Украинци, ако не сакате да преговарате, целосно ќе ви ја запреме финансиската помош. На тој начин може да ги доведе двете страни на преговарачката маса“, рече Земан во интервјуто во чешкиот весник Млада фронта днес.

Поранешниот претседател верува дека таквиот бизнис-стил што Трамп го пренесува во политиката може да биде успешен, а на рускиот претседател Владимир Путин чувството дека е семоќен и дека никој не го контролира може да му преседне, и тогаш Путиновата стратегиска грешка, како што го нарече нападот на Украина, ќе предизвика потреси.

„Кога зборуваме за Доналд Трамп, кој на свој начин е авторитарен лидер, тогаш врз примерот на САД можеме да кажеме дека либералната демократија исчезнува“, рече поранешниот чешки претседател.

Земан е убеден дека либералната демократија не е дефинитивно поразена, но дека ќе мора да најде силни лидери, а не да постави против Трамп некој како потпретседателката на САД Камала Харис.

„Кога ќе ја поставите неа против Трамп тоа не е пораз на либералната демократија во судир со авторитарниот. Победена е неспособна политичарка во судир со вештиот бизнисмен“, рече Земан.

Земан нагласи во интервјуто дека и понатаму е еврофедералист како тогаш кога беше премиер на Чешка зашто му се симпатични вредностите врз кои е заснована Европската Унија.

„Но реалните правила како функционира ЕУ, вклучувајќи го тука и квалитетот на нејзините личности ме доведоа на крајот до убедувањето дека Европа на национални држави според моделот на (францускиот претседател Шарл) Де Гол е многу подобра зашто во него нема такви ризици каква што е сегашната Европска комисија на чело со Урсула фон дер Лаен“, рече Земан.

Заедничкиот непријател, прогресивната идеологија, според зборовите на Земан, се причина зошто од опонент и критичар стана пријател на авторитарните водачи како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан или полскиот претседател Анджеј Дуда.

„Зошто ми се симпатични Орбан и другите? Поради нашиот заеднички непријател, а тоа е прогресивизамот. Според мене тоа е чума и рак на сегашното премногу хедонистичко западно општество. Тоа е непочитување на традициите, непочитување на народот, непочитување на елементарните вредности како што е семејството“, рече Земан.

Во разговорот Земан, по обичај, не пропушти да ги навреди новинарите кои овој пат ги нарече „пресститутки“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ