Очекуваниот напад би можел да биде одлучувачки за војната и да ги промени позициите на првите линии, кои со месеци остануваат непроменети.
Тоа ќе биде клучен тест за Украина, која сака да покаже дека помошта што ја доби може да резултира со големи придобивки на бојното поле.
„Со тоа што го имаме можеме да одиме напред и да бидеме успешни“, рече Зеленски. „Но ќе загубиме многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо“, додаде тој од своето седиште во Киев во интервју за Би-би-си и други медиуми.
„Значи, мора да почекаме. Ни треба уште малку време“, рече тој.
Претседателот ги опиша борбените единици, од кои некои се обучени во земјите на НАТО, како „подготвени“, но рече дека на војската ѝ требаат „уште неколку работи“, вклучително и оклопни возила што „доаѓаат во серии“.
Кога и каде Украинците ќе ја почнат контраофанзивата е тајна. Руските сили ја зајакнаа својата одбрана долж линијата на фронтот долга 1.450 километри, која се протега од источните региони Луганск и Доњецк до Запорожје и Херсон на југ. Зеленски изрази уверување во напредокот на украинската армија и предупреди на ризикот од „замрзнат конфликт“ и додаде дека Русија „смета на тоа“.
За Киев секој резултат што на Запад се смета за разочарувачки може да значи намалување на воената поддршка и притисок за преговори со Русија, посочува украинскиот претседател. Зеленски ги отфрли стравувањата од губење на американската поддршка доколку претседателот Џо Бајден, кој вети дека ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно, не биде реизбран во 2024 година.
Украина, рече тој, сè уште ужива двопартиска поддршка во американскиот Конгрес. „Кој знае каде ќе бидеме кога ќе се одржат изборите. Верувам дека дотогаш ќе победиме“, посочи тој.
Засега нема реална можност за разговори за крај на конфликтот, со оглед на тоа што двете страни тврдат дека ќе се борат до победа.