Зеленски прво објави видео на социјалните мрежи. „Навистина е посебен ден, бидејќи една вест го привлекува глобалното внимание. Убедливиот резултат од изборите во САД. Јасното водство на претседателот Трамп. Му честитам на оваа победа“, рече украинскиот лидер.
Тој додава дека му било „исклучително важно“ да ги слушне зборовите на Трамп „мир преку сила“, кои Трамп ги користеше за време на својот претходен претседателски мандат од 2016 до 2020 година. Зеленски смета дека „САД и целиот свет дефинитивно ќе имаат корист од оваа политика“.
„Не е случајно што сега толку често се споменува Роналд Реган – луѓето сакаат самодоверба, сакаат слобода, сакаат нормален живот“, додаде тој. Токму Реган го повторуваше мотото „мир преку сила“. Зеленски нагласи дека на Украина ѝ треба „силна Америка“ и „силни сојузници“ воопшто.
„Имаме потенцијал за посилна соработка. Тоа е она што ќе ги направи Украина, Америка и целиот слободен свет поуспешни“, рече тој.
Зеленски набрзо на Икс објави дека разговарал со Доналд Трамп по телефон и лично му честитал на победата. „Имав одличен разговор со претседателот Доналд Трамп и му честитав на неговата историска убедлива победа“, напиша тој.
Тој тврди дека се договорил со Трамп за одржување близок дијалог и понатамошна соработка. „Силно и непоколебливо лидерство на САД е од суштинско значење за светот и за праведен мир“, рече тој.