сабота, 27 јули 2024

Зеленски: Сè уште нема притисоци да се откажеме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа вчера, на почетокот на турнејата по балтичките држави, дека Киев не е под притисок од сојузниците да престане да се бори против Русија.

Објавено на

часот

Сподели

Со посетата на Литванија, Летонија и Естонија Зеленски се надева дека ќе го прекине заморот од војната кој владее меѓу западните сојузници на Украина, ќе обезбеди поголема финансиска и воена помош и ќе разговара за напорите на Киев да влезе во НАТО и Европската Унија.

Меѓутоа, малку пред украинскиот лидер да ги почне разговорите со литванскиот претседател Гитанас Науседа во Вилнус, италијанскиот министер за одбрана кажа во Рим дека дошло време дипломатијата да го отвори патот за мирот, пишува Ројтерс.

На прашањето во Вилнус дали украинскиот партнери сега го повикуваат Киев да престане со борбата, Зеленски кажа: „Нема притисок од партнерите да престанеме со одбраната. Нема притисок конфликтот да се замрзне, барем не сè уште“.

„Постојат различни гласови во медиумите, прочитав сè“, кажа тој на заедничката конференција со Науседа. „Меѓутоа јас сметам дека нашите партнери сè уште не се спремни да ни упатат такви сигнали. Барем јас лично не сум ги слушнал“.

Трите балтички држави се меѓу најцврстите поддржувачи на Киев во ЕУ и НАТО, и ѝ пружија на Украина воена помош дури и во неделите пред руската инвазија во февруари 2022.

Сите три земји, како и Молдавија, се на нишан на Русија доколку таа земја победи во Украина, оцени Зеленски.

Бидејќи сè укажува дека војната ќе продолжи откако украинската офанзива минатата година не даде никаков резултат, Украина апелира на своите западни сојузници да ѝ пружат поголема финансиска и воена помош.

„Неизвесноста на финансиската и воената помош на Украина само ја јакне смелоста на Руската Федерација. Затоа, тој процес повеќе не можеме да го пролонгираме“, им кажа Зеленски на новинарите.

Тој истакна дека Украина се соочува со акутен недостиг од модерни воздушни одбранбени системи против руските ракетни и напади со дронови.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето кажа пред италијанскиот парламент дека украинската контраофанзива не го пружила саканиот резултат, и дека воената ситуација треба реално да се согледа.

„Од оваа перспектива, изгледа дека е дојдено времето за вешта дипломатија, заедно со воената поддршка, бидејќи постои низа важни сигнали кои доаѓаат од двете страни“, кажа Кросето.

Русија сè повеќе изразува спремност да преговара и да ја сочува својата економија, додека ставот на Украина изгледа помалку бескомпромисен од претходно, истакна тој. „Сето ова треба да се земе предвид на патот кон преговорите за сопирање на конфликтот и подоцнежниот процес на нормализација на односите, не само на Русија со Украина, туку и со западните земји“, кажа тој.

„Во Украина, изгледа дека домашниот фронт не е повеќе толку единствен колку претходно во поддршката на политиката на претседателот Зеленски, што укажува на одредени разлики во политичкиот дискурс“, кажа Кросето.

Италија минатиот месец усвои декрет кој ѝ овозможува да продолжи да испраќа воени залихи на Украина до крајот на 2024. Владата на премиерката Џорџа Мелони исто така се согласи на Киев да му испраќа дополнителен материјал со цел јакнење на одбранбените капацитети.

Кросето, силен поддржувач на Киев и истакнат член на партијата Браќа на Италија, повтори дека секој вид мировни преговори мора јасно да ја признае руската агресија против Украина во февруари 2022.

„Целосниот територијален интегритет и признатите граници на Украина остануваат цел на целата меѓународна заедница“, кажа тој.

Ројтерс потсетува дека Русија соопшти дека е спремна на мировни преговори доколку Украина ги прифати „новите реалности“, сугерирајќи признавање дека Русија контролира околу 17,5 отсто од украинската територија.

Зеленски ја отфрли секоја идеја дека Русија е заинтересирана за преговори додека со неа управува Владимир Путин и истакна дека Москва ќе се согласи на пауза во борбите само за да добие на време и да ја зајакне војската.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ