петок, 28 март 2025

Зеленски го коментираше договорот за прекин на огнот во Црното Море

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина ќе ги исполни своите обврски според договорот за безбедност во Црното Море, но нагласи дека ќе бара дополнителни санкции доколку Русија не го стори истото.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку Русите го прекршат договорот, имам директно прашање до претседателот Трамп“, им рече Зеленски на новинарите во Киев. „Ако го прекршат, еве ги доказите – бараме санкции, бараме оружје“, додаде тој.

Зеленски за договорот за запирање на нападите во Црното Море рече дека е чекор во вистинска насока, но остана претпазлив. „Прерано е да се каже дека договорот ќе функционира, но ова се вистински состаноци, правилни одлуки и правилни чекори“, им рече тој на новинарите.

„По ова, никој не може да ја обвини Украина дека не се движи кон одржлив мир“, додаде тој.

Од друга страна, актуелниот американски претседател Доналд Трамп претходно го обвини Зеленски дека ги попречува мировните преговори. „Овој човек не сака мир се додека ја има поддршката од Америка“, напиша Трамп на својата платформа Трут соушл, само неколку дена по жестоката средба со Зеленски во Овалната соба.

Зеленски денеска го коментираше и договорот според кој САД ќе ѝ помогнат на Русија повторно да пристапи до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи, нарекувајќи го тоа ослабување на санкциите.

Соединетите Држави, за време на претходната администрација на претседателот Џо Бајден, водеа широка кампања на санкции против Русија, вклучително и ограничувања на извозот на руска нафта и гас, како што е плафонот од 60 долари за барел за извоз на руска нафта. Извори за Ројтерс изјавија дека администрацијата на Трамп ги проучува начините за олеснување на санкциите доколку Москва се согласи да стави крај на војната.

Како дел од денешниот договор за безбедна пловидба во Црното Море, Белата куќа објави дека „ќе помогне да се врати пристапот на Русија до светските пазари за извоз на земјоделски производи и вештачки ѓубрива, да се намалат трошоците за поморско осигурување и да се подобри пристапот до пристаништата и платните системи за таквите трансакции“.

Кремљ нагласи дека договорот ќе стапи на сила дури откако ќе бидат укинати санкциите за руските финансиски институции, бродови и компании кои произведуваат и извезуваат храна и ѓубрива.

Зеленски на крај порача дека доколку Русија го прекрши договорот за прекин на непријателствата на море, тој лично ќе побара од Доналд Трамп да воведе нови санкции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ