петок, 26 јули 2024

Зеленски денеска во Брисел потпишува билатерален договор за безбедност

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Брисел ќе потпише билатерален безбедносен договор со белгискиот премиер Александар Де Кро, соопшти синоќа белгиската влада.

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот претседател, кој бара од Западот да ја зголеми воената помош за Украина за да може да се справи со војната со Русија, по потпишувањето ќе се сретне со белгискиот крал Филип, соопшти кралската палата.

Неколкучасовната посета ќе заврши во средината на денот на воениот аеродром Мелсбрек во близина на Брисел, каде што Белгија треба да го повтори своето ветување дека ќе му обезбеди на Киев борбени авиони Ф-16 „ако е можно пред крајот на годината“.

Во првата фаза, белгиската војска ќе придонесе со обука на украински пилоти и техничари како да ги користат овие авиони. Зеленски во Мелсбрек ќе се сретне со дел од белгиските пилоти, инструктори и техничари експерти за Ф-16, соопштија од службата на белгискиот премиер.

Посетата на Зеленски е дел од турнејата во која тој посети повеќе европски градови.

Тој во понеделникот беше во Мадрид, а по Брисел патува за Лисабон каде ќе се сретне со португалскиот премиер Луис Монтенегро и претседателот Марсело Ребело де Соуса.

Во Мадрид, шпанскиот премиер Педро Санчез најави нова воена помош за Украина од една милијарда евра за 2024 година, како дел од безбедносниот договор со Киев.

На прес-конференцијата со Санчез, Зеленски го повика Западот да ја принуди Русија да постигне мир „со сите средства“, додека Киев бара дозвола да го користи западното оружје да гаѓа руска територија.

Остануваат помалку од три недели до самитот за мир во Украина, кој треба да се одржи во Швајцарија. Зеленски го отфрли предлогот на Кина и Бразил да ја поканат Русија, велејќи дека Русија „ќе блокира сè“.

Посетата на Зеленски на европските престолнини се одвива во време кога украинската армија продолжува да трпи притисок на терен, две години и три месеци по почетокот на руската инвазија на Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ