петок, 18 октомври 2024

Зелена комуна во Белица

Македонското еколошко друштво во соработка со Здружението на граѓани за развој на Белица во февруари годинава почнаа со едногодишниот проект за воспоставување зелена комуна во селото Белица. Проектот еко-село Белица, претставува модел за селска заедница на самоодржливо и еколошки свесно село, посветено на заштита на животната средина, преку одржливо користење на природните ресурси, обновливите извори на енергија како и промоција на културното наследство и природното богатство.

Објавено на

часот

Сподели

Селото Белица се наоѓа во кичевскиот регион, на Илинска-Плакенска Планина.

Главната цел на сите овие активности е да заживее селото преку развој на еко-туризмот и едукација, и поттик на населението да се врати во оваа средина и да практикува традиционален начин на живеење. Одржливата селска заедница нуди соживот со природата во хармонија со сите останати живи суштества, како и начини на делување кои ќе придонесат кон справување со климатските промени.

ф

Човекот природата често ја користи за рекреација, но најмногу како извор на ресурси, потребен за одржување на економијата која се базира на конзумеризам и потрошувачка. Залудни се сите иновативни технологии и научни студии за тоа дека живееме на планета со ограничени ресурси, која не може да го одржи овој систем и начин на живот.

Според научните истражување најквалитетниот живот за човекот може да се организира во мали и здрави заедници каде што децата се поддржани и израснати од заедницата, а постарите се извор на знаење и вештини. Човекот е дел од животинскиот свет чиј опстанок зависи од природата, но неговата развиена свест треба да овозможи да ја сочуваме и заштитиме природата додека таа ни дава сѐ што ни е потребно за живот.

г

Зошто токму тука?

Селото Белица има свежа клима заради надморската височина од околу од 670 метри и географска поставеност која воедно го прави да е дел од позначајните патишта на мигрирање на крупните цицачи и други видови во нашата земја. Ова село е исклучително богато со вода, а покрај бројните извори и магичните водопади, тука се наоѓаат и изворите на две реки кои се слеваат во една и ја образуваат Беличка Река која тече низ целото село и овозможува разновидна вегетација. Селото Белица располага со многу природни ресурси, богат диверзитет на растенија животни и габи, изобилство на изворска вода, преку 250 сончеви денови во годината, плодно земјиште за одгледување различни градинарски култури. Производство на здрава органска храна која се одгледува во Белица на чисто, плодно земјиште, преку примена на традиционални практики, пермакултура, користење природно ѓубриво и компост, покривање на земјата наместо орање е само показател на здрава и зелена економија кој е и главен адут кои ги нуди ова село.

Благодарение на ридската местоположба застапени се и шумски плодови – диви јагоди, капини и малини, бозел, трнинки, шипинки, диви јаболка, сливи, цреши, вишни, круши, многубројни лековити билки и богат свет на габи, кои растат во недопрена и чиста природа.

Иако селото ги нуди сите овие поволности, бројот на населението постојано се намалува, и е премал за да овозможи погодни начини за опстанок и живот во селото.

г

Со враќањето на старите огништата на беличките предци се нуди скромен, едноставен и одржлив начин на живот, се отвораат можности за живот во здрава и природна средина, наспроти урбаните и пренаселени градови, кои секојдневно се прошируваат, а со тоа и се зголемуваат изворите и изложеноста на загадување.

Центар на целата селската заедница Белица каде се спроведува локалното управување и се одржуваат културни и забавни настани е Еко-центарот Белица или како мештаните го викаат Беличка палата, а заедницата од постојани жители и поранешни сожители, непрестано работат кон обнова на социјалните, еколошки и духовни вредности. Тоа е всушност стара училишна зграда за основно училиште, која повеќе од 50 години е напуштена и воопшто не функционира како училиште. Ова е резултат на миграцијата на населението во поголемите урбани средини, а со тоа и пренасочување на учениците во истите средини, заради нивниот мал број во селото.

На иницијатива на група граѓани од Белица, овој објект е обновен. Беличкиот еко-центар е централен комплекс каде луѓето ќе се собираат, ќе разменуваат идеи, искуства и интереси, млади ќе учат и ќе се дружат, и постепено ќе придонесат кон враќање на животот на селото.

г

Главната цел на воспоставувањето на еко-центарот Белица е да нуди развој на еко туризам со креирање на динамична, селска атмосфера каде луѓето ќе уживаат во дневната интеракција со природата. Користење на алтернативната енергија е една од новините во центарот. За оваа цел се поставени соларни панели кои во иднина ќе произведуваат енергија за потребите на објектот, но во исто време ќе биде поттик и за останатите жители на селото и соседните села, да го практикуваат овој алтернативен начин за користење на извори на енергија.

Во рамките на овој проект, освен што центарот се стекна со фотоволтаични панели за производство на енергија, се постави и мерна станица за следење на параметрите на воздухот кои исто така ќе покажат за здравите услови за живеење.

Локалното население како и претставници на соседните села од регионот, заеднички работеа на креирање на визијата и мисијата на центарот, идните делувања и активности на кои ќе се фокусираат во следните години за остварување на заедничката цел за заживување на ова село.

Македонско еколошко друштво ги сподели своите искуства и знаења за целиот регион, со што жителите ги збогатија своите знаења за вредностите и богатата природа со која располагаат, важноста од негувањето на овие вредности и напорите истата да се сочува пред сè за сопствен опстанок но во хармонија и соживот со природата.

Имајќи го предвид ентузијазмот, постојаните вложувања и желбата на беличките жители, селото да заживее и да нуди можност за живот и делување на млади луѓе и нови семејства, очекуваме дека напорите навистина ќе се исполнат и секојдневно ќе се збогатуваат содржините кои ова село ќе ги нуди.

 

Овој проект е дел од програмата за грантови на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ која има за цел да даде поддршка на силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, што би резултирало со чиста животна средина, зелени економии и здрави граѓани во Македонија. Програмата ја спроведува Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, заедно со партнерските организации Македонското здружение на младите правници – МЗМП и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП Македонија, и е финансиран од страна на Владата на Шведска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ