четврток, 26 декември 2024

Здравствените работници во четврток се креваат на протест

Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) в четврток, 19 октомври, ќе организира предупредувачки протест на вработените во сите здравствени институции во државава за време на паузата, од 10.30 до 11 часот, зашто се незадоволни од тоа што и по средбата на нивни претставници во Министерството за здравство на 5 октомври немаат одговор на нивните барања.

 

Објавено на

часот

Сподели

Бараат зголемување на платата за 30 проценти на сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал, ревидирање на Колективниот договор, зголемување на додатокот за инфекција од 1 на 4 проценти, трансформација на работниот однос од определено на неопределено на тие што се со договор на дело и бенефициран работен стаж.

Кристина Олевска од синдикатот во ГОБ „8 Септември“-Скопје, на прес-конференција рече дека не се согласуваат со предлогот за зголемување на платите за 15 проценти само на медицинските сестри.

„Со тоа ние не се согласуваме затоа што ние сме алка, синџир во здравството и еден без друг не можеме. Затоа продолжуваме да се бориме за зголемување за 30 проценти на платата за сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал. Власта мора да го слушне нашиот глас“, рече Олевска, која соопшти дека нејзината плата е 28 илјади денари, има средно образование, 25 години стаж и работи во одделот за радиотерапија каде е изложена на рендгенско зрачење.

Боби Бојчевски, координатор на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР), рече дека предупредувачкиот протест ќе биде „крик за достоинствена плата и достоинствен живот“ на 22 илјади  вработени во здравствениот сектор во земјава. Покачувањето од 10 проценти, рече, е малку, затоа што „ги изело“ галопирачката инфлација.

„Ова е предупредувачки протест, а крајна фаза е да излеземе на улица. Но, жално и бедно е тие што беа хероите на 21 век сега да излезат на улица“, додаде Бојчевски.

Лазо Костовски, претседател на синдикатот на болницата за геријатрија „13 Ноември“-Скопје,  на прес-конференцијата соопшти дека меѓу барањата е и трансформација на работниот однос од определено на неопределено време за 241 вработени во здравството. Со нивното вработување на неопределено, рече тој, ќе нема разлика во финансиите, но дека трансформацијата „ја кочи“ Министерството за финансии од каде што нема согласност.

Тој, исто така, рече дека сите вработени во здравството треба да имаат бенефициран стаж и посочи на тешките услови за работа кои ги имаат вработените во психијатриските болници, кои немаат обезбедување и не добиваат инфективен додаток.

Предупредувачкиот протест на 19 октомври ќе биде за време на паузата од 10:30 до 11 часот за да нема застој во работата со пациентите и ќе биде или на работните места или вработените може да излезат пред здравствената институција каде што работат. Протестот ќе го поддржат и возачите на Брза помош со едноминутно вклучување на сирените и ротациските светла на амбулантните возила.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ