„За Министерството за образование и наука еден од стратешките приоритети е креирањето политики, мерки и активности за поддршка на здравјето и благосостојбата на младите во основните и средните училишта. Успешно пребродивме една голема здравствена криза, што иницираше дополнително јакнење на стручните служби. Во соработка со домашни и меѓународни партнери, обезбедивме квалитетни обуки за оптимизирање на капацитетите за помош на учениците во справувањето со стрес, анксиозност и други проблеми со менталното здравје, како и за насочување на учениците кон развој на здрави механизми за градење отпорност,“ рече Шаќири.
Минатата и оваа година, како што кажа, околу 700 стручни соработници од сите основни и средни училишта беа обучени за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини, и се дел од заедниците за размена и колегијална поддршка. Во рамки на градењето капацитети, предвидени се обуки и за наставниците, за да можат да препознаат дека ученикот се соочува со предизвици и да ги вклучат стручните соработници во нивното надминување.
Шаќири укажа дека позитивните исходи од пилотирањето се поттикнувачки за проширување на иницијативата и сè повеќе училишта да бидат промотори на здрави животни и работни навики, согласно препораките на СЗО за вклучување на образовниот сектор во напорите за промена на образовните, социјалните, економските и политичките услови кои влијаат на различни ризици по здравјето и благосостојбата на учениците.
На настанот присуствуваше и сопругата на претседателот, Елизабета Ѓеоргиевска.
Во воведно тообраќање Ѓоргиевска нагласи дека инцијативата симболизира колективен напор насочен кон создавање на подобра и попросперитетна училишна средина и дека целта е учениците да се обезбедат не само со квалитетно образование, туку и со алатки и знаење за водење на здрав и исполнет живот.
„Училиштата се местото каде што нашите деца и млади се стекнуваат со знаење и воспитание. Нашата цел и визија е покрај знаењата и вештините предвидени во наставните програми, училиштата да бидат место на кое учениците ќе ја добијат и основата за грижа и унапредување на своето здравје. Впрочем училиштата треба да бидат местото, кое, меѓу другото, ќе обезбеди можности за градење на здрав животен стил на учениците. Со овој пристап го признаваме и препознаваме суштинскиот придонес на училиштата во телесниот, менталниот и емоционалниот развој на нашите ученици“, истакна Ѓоргиевска.