сабота, 27 јули 2024

Здрава котлина до партиите: Или писмени гаранции дека нема да се гради Иловица или нема гласање

Пред да ни ги понудат изборните програми сакаме да ги предупредиме политичките партии дека и по седум години борба против рудникот на смртта Иловица-Штука, сѐ уште немаме конечно решение. Сѐ уште постојат скриени игри и калкулации. Затоа од секоја партија која учествува на изборите бараме конкретни писмени гаранции во програмата дека во првите три месеци од владеењето засекогаш ќе го затвори прашањето со рудникот на смртта и ќе започне процес со кој Струмичката котлина и Јужната долина (Југоистокот) ќе станат заштитени подрачја на кои ќе бидат забранети Г-1 загадувачи, во корист на стимулирање конкурентно македонско земјоделство, се вели во апелот на здружението Здрава котлина.

Објавено на

часот

Сподели

„Аргументите кои ги презентиравме во разни пригоди и периоди, недвосмислено ја докажуваат неоправданоста и погибелната опасност од отворање рудник за бакар и злато во Струмичката котлина и воопшто во Македонија. Нема да ги повторуваме, ги знаете: убедливи се и непобитни.
Македонија е премногу мала територија за да издржи смртоносни загадувачи од таков обем. Егзистенцијално е важно стратегиско обесхрабрување на отровното рударство и воопшто на Г-1 загадувачите. Земјоделието докажано нуди неспоредливо поголеми бенефити за државата и граѓаните.
Граѓаните и на локални референдуми, и низ протести, и низ јавната сфера убедливо се изјаснија против рудниците на смртта. Медиумите низ годините исто така, освен неколку докажани платеници. Четирите локални самоуправи, без ниту еден глас за, натпартиски гласаа против рудник. Практично, национален консензус.
Платеничките измамнички кампањи за наводно зелено, паметно, одржливо и какво ли не илузорно рударство се неуспешни и неприфатени од граѓаните и јавноста, бидејќи се засновани на безочни лаги, манипулации, клевети, уцени и јалови обиди за поткуп, корумпирање и промена на јавното мислење. Т.н. паметно рударство е продавање ветер во магла, пропаганден конструкт од рударски експлоататори и не се однесува на погубното труењето од ископините (тоа е неминовност), туку на придружните процеси.
Од секоја партија која учествува на изборите, бараме конкретни писмени гаранции во програмата дека во првите три месеци од владеењето засекогаш ќе го затвори прашањето со рудникот на смртта и ќе почне процес со кој Струмичката котлина и Јужната долина (Југоистокот) ќе станат заштитени подрачја на кои ќе бидат забранети Г-1 загадувачи, во корист на стимулирање конкурентно македонско земјоделство.
Од секој претседателски кандидат го бараме истото, во рамките на ингеренциите, со акцент на еколошката безбедност на државата.
Ќе ги следиме сите партиски и претседателски програми, ќе ги сумираме и ќе ги повикаме граѓаните да гласаат против оние кои нема да објават такви гаранции (нашиот повик за бојкот на партии на претходниот изборен циклус покажа забележливи минусни локални бројки).
Значи, нема лутиш. Граѓаните се тие што треба да се лути, за нас активистите да не зборуваме: сешто истрпевме и трпиме. Повеќе не. Доколку нема гаранции, ќе има тешка граѓанска казна за партиите. Тоа можеме, толку колку што можеме. И не сме малку. Друг избор немаме. Премногу беше и повеќе од премногу беше. Огромното мнозинство членови на сите партии се против рудникот, но тоа мора да се ефектуира во партиските програми. Само тоа ќе го броиме.
Вербални ветувања не се доволни повеќе. Натамошно манипулирање, одолговлекување околу рудникот на смртта е целосно неприфатливо и би произвело несогледливи последици.
Или конечно ќе се соочите со реалноста, или истата ќе ве казни“, се вели во апелот на граѓанската иницијатива Спас за Струмичката котлина.
Во објаснувањето на овој апел Здрава котлина тврди дека седум години се сведоци на корупција во судството во комбинација со бизнис лобито на ДУИ кои во меѓувреме влегоа како сопственици на 25% на уделите на концесионерот Еуромакс рисорсис. „Од друга страна пак Цоло Вутов се уште поседува 40% од уделите и затоа добро е да се каже во ваква ситуација кој е на страната на граѓаните, а кој е за местенките на финансиерите на ДУИ и на ГЕРБ во Бугарија“, тврдат од Здрава котлина.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ