сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зборовите од кои Србија занеме

Ако некој патник намерник случајно се нашол во неделата навечер во Србија и ги вртел телевизиските канали, ќе видел две Србии. Тоа беше, во вистинската смисла на зборот, слика и прилика на оваа денешнава Србија. Во едниот агол Србија на страдања и желба да се направи нешто, а во другиот беа оние чиј единствен интерес е да останат на власт. На еден канал зборуваше Слободан Негиќ, таткото на Софија Негиќ, една од десетте жртви на масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Тој зборуваше за својата болка, за емпатијата и за тоа како и што чувствуваат децата. Тој зборуваше, а Србија занеме додека низ лицето ѝ течеа солзи, вели Ненад Кулачин за Ал џезира.

За тоа време, на некој друг канал, тирада за себе и за претседателот на Србија изведуваше Јелена Карлеуша. Точно така како што пее, така и зборуваше. Таа е најголема ѕвезда, Твитер не вреди ништо без неа на него, да се појавела и таа на протестот ќе добиела овации, тие што ги водат протестите се најлошите во Србија, а најдобриот е, се знае – Александар Вучиќ.

Народна музика и „темна сеанса“ за децата

Поделеноста во Србија никогаш не била појасна. Од едната страна се луѓето уништени во поим од трагедиите во училиштето „Владислав Рибникар“ и во Младеновац, кои бараат Србија да се промени, да се нормализира, а од другата страна се оние што и натаму не избираат средства да опстанат на власт, кои ги обвинија оние што се против нив дека се мршојадци и хиени и кои на помош ја повикуваат Јелена Карлеуша.

Колку сила е потребна за човек што загубил дете да застане пред камери и да зборува. Тој ниту бараше виновник, ниту момчето што му ја одзеде ќерката го нарече убиец. Зборуваше за искреноста во очите, за луѓето што му изразиле сочувство, за љубовта што ја добил од нив. Без ниту еден тежок збор, кои сите ние лесно ги употребуваме во овие тешки времиња, тој откри дека „системот не потфрлил“. Како што рече, на 5 мај, два дена по крвавиот пир во тоа училиште, некои деца дошле да си ги земат работите што им останале во училиштето, а тогаш една лекарка, со знаење на директорката на училиштето, ги однела на „темна сеанса“.

„Таа на децата им пуштала народна музика и им порачала дека треба да се поврзат со духовите и душите на своите загинати пријателки и пријатели. Ова било без знаење на родителите, а девојчето што присуствувало на тоа си дошло дома расплакано, во траума, кажало дека биле на сеанса и дека било одвратно“, рече Негиќ. Порача дека не бара виновник, ниту вперува прст кон луѓе, туку сака да зборува за тоа што се случило и јавно да каже некои работи што се тешки. На средбата што ја имале со претставници на државните институции, меѓу кои биле и претставници на Министерството за здравство, кои наводно ја испратиле односната лекарка во училиштето, тој го поставил прашањето: „Која е таа и од каде се нашла во училиштето?“. Никој не знаел да му одговори на тоа прашање.

Јелена Карлеуша и сублимацијата на долготрајното лудило

Благодарен за емпатијата што ја добива, тој рече дека својата судбина ќе ја носи онака како што го научила неговата Софија. „Луѓе, ви благодарам на сите. Сфатете дека понекогаш единствената причина за човек да се бори е тоа што има луѓе околу себе. И дека овде треба да извлечеме голема поука за тоа дека се работи за нас, за нас луѓето, за нашите судбини. Мојата судбина е тешка, но јас ќе ја носам, и тоа баш така како што Софија, како што кажува нејзиното име, мудро ме научи на тоа“, рече Негиќ, по што занемеа сите што го гледаа тоа.

Србија повторно го преживеа сето она што се случи на тој 3 мај. Неговите зборови одекнуваат низ Србија со денови откако беа изговорени. И никаква политика немаше во тоа. И ја нема таа злоупотреба за која се зборува. На секој од овие родители треба да му се овозможи да се огласи, ако сака. Слободан го стори тоа и ја протресе Србија од глава до петици. Ја направи, барем за момент, подобра Србија од што е.

Додека тој зборуваше за сето горенаведено, Јелена Карлеуша ги водеше своите монолози, иако беше само една од гостите. Се смееше, се правеше невешта, без знаење за фактите, без трошка од таа емпатија за која се зборуваше на другото место. Но затоа полна со пофалби за претседателот, за неговото познавање странски јазици, за напорната работа, отворањето фабрики, вакцините. Сублимација на она истото лудило што зафати добар дел од српското општество.

Отров што власта ни го сервира со децении

Таа се чудеше како тоа реалните шоуа се криви за состојбата во државата, дека Пинк е најгледаната телевизија, дека некои други телевизии работат против својата држава, но дека нив и онака никој не ги гледа. Удри и по глумците. Нема кого не обвини дека ја злоупотребил трагедијата. Секако, и таа употреби слични изрази како оние на претседателот, нагласувајќи дека „секоја политичка порака на ваквите собири е гориво за профитерите и баграта“.

Над зборовите на Слободан сите треба да се замислиме и да се запрашаме. Неговите зборови можат да ја сменат Србија. Можеби и себеси треба да се преиспитаме дали и ние грешиме, а не само оние што ги критикуваме. Зборовите на Јелена Карлеуша, меѓутоа, се срамни, навредливи и веројатно брзо ќе бидат заборавени. Од нив следува истата онаа мачнина што ја предизвикува отровот што повеќе од една деценија му се сервира на народот преку медиумите контролирани од власта.

За среќа, останува надежта дека сè што рече таткото на Софија ќе биде врежано во некој нов темел, од кој, конечно, ќе почне изградбата на некоја поубава, подобра и пред сѐ побезбедна Србија.

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ