среда, 26 март 2025

Завршуваат деновите на жалост, за утре се најавени протести – почнува ли битка за политички поени?

Вечерва на полноќ завршуваат деновите на седумдневна жалост во Македонија за 59-те жртви на огнената трагедија во Кочани по пожарот во дискотеката Пулс, во кој повредени се и речиси 200 лица. Тагата на граѓаните за загубените животи уште во првите мигови по сознанието за несреќата беше со измешани емоции на револт поради причините кои доведоа до трагедијата ( децениски институцонални пропусти, неодговорност и корупција во однос на почитување на безбедностите стандарди) и во деновите на жалост создаде енергија во јавноста да се изрази протест против сите наталожени свесни и несвесни пропусти на системот кои до тоа да се губат животи од бесмисленост.

Веќе за утре, понеделник, 24 март најавени се два протеста во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Едниот е во 18:59 часот на плоштадот Македонија во Скопје, најавен како протестен марш за одговорност и безбедност, во врска со трагедијата во Кочани, но и сите трагедии со човечки жртви низ годините. Протестниот марш кој ќе се одржи под слоганот „Доста бевме ние, системот е следен“ е на иницијатива на граѓанското движење „Кој е следен“ кое се формира по смртта на младата Фросина Кулакова, која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава. Движењето „Кој е следен“ организираше низа протести барајќи правда за Фросина, а го иницира и последниот масовен собир во Скопје, на 18 март на кој се оддаде последна почит за 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„До недела ќе молчиме. Но, од понеделник, тишината завршува. Од понеделник, се гледаме на улиците – гласни, бескомпромисни и обединети. За да нема заборав и да нема повеќе загубени животи поради небезбедност и неодговорност!“, се наведува во најавата на движењето „Кој е следен“ за утрешниот протест.

Исто за в понеделник, во 13 часот, Независниот студентски сојуз (НСС) најави дека започнува со дејствување, но и со апел партиите и нивните претставници да стојат на страна  од нивниот собир.

„В понеделник на плато пред УКИМ во 13:00 часот најавен е пленумски собир на студентите. Апелираме политичките партии и нивните претставници да стојат на страна, бидејќи ова се моменти на искрено делување и организирање на студентите. Политичките партии, а особено политичката партија Левица се обидува да се вмеша во искреното, транспарентното и чесното организирање на студентите. Доколку в понеделник на собирот видиме партиски луѓе, ние ќе започнеме веднаш со нивно јавно објавување и обзнанување. Не за политика во овие моменти!“, беше наведено во првата најава на НСС за собирот в понеделник.

Во текот на седумте дена на жалост за трагедијата во Кочани, дури и во првиот ден имаше „спонтани обиди“ во јавноста ситуацијата веднаш да се стави во контекст на тековната конфоронтација и ривалство на политичките партии. Па и собирот на студентите на платото пред УКИМ за оддавање почит на жртвите, на 17 март (еден ден по пожарот) токму од НСС беше прогласен за „киднапиран“ од политичарите, поради обраќањето на министерката за образование и ректорката на УКИМ, што понатаму и во текот на седумдневното жалење беше предмет на преписки и обвинувања за политизираност на студентските организации, со меѓусебни квалификации за „зависни“ и „независни“.

Ако досега тонот за политизација на трагедијата беше стивнат и во заднина, се чини дека од утре битката за профитирање политички поени се враќа на максиум. Во медиумите веќе е откриена комуникација на претставници од Независниот студентски сојуз со претставници на студентски пленум од Србија, кои наликуваат на обука за протест во насока на искористување на несреќата во Кочани за политички дејствија и активности по теркот на случувањата во Србија, каде се бара одговорност за трагедијата со падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, каде животот го загубуја 16 лица.

Уште еден индикативен момент, во целиот контекст на (не)скриени намери за политичко профитирање од трагедијата во Кочани е информацијата дека на 18 март, кога беше организиран собирот на скопскиот плоштад за оддавање почит на жртвите, на граничниот премин Табановце неколку возила од Србија со транспаренти за поддршка на собирот (во јавноста перцепиран и како протест), биле „замолени“ од граничните служби да се вратат.

По откритијата и укажувањата во некои медиуми за подготвителните протестни активности на „независните студенти“, од НСС објавија деманти.

Ние, студентите што стоиме зад иницијативата Независен студентски сојуз (НСС), сакаме јавно да демантираме дезинформациите кои некои медиуми ги шират за настанот закажан во понеделник.

Тоа НЕ е протест. Тоа е пленум.

Пленумот е мирен јавен собир на студенти, отворен за сите, со цел разговор, дијалог и формулирање на заеднички ставови и потенцијални барања. Ништо не е однапред одлучено. Сè уште немаме ниту ставови, ниту барања. Тие ќе произлезат – ако произлезат – само и исклучиво преку пленумски дијалог и јавно гласање пред очите на сите.
Ги охрабруваме медиумите да се едуцираат за разликата помеѓу протест и пленум и да се воздржат од сензационализам кој може да предизвика несакани реакции и притисоци врз студенти. Сè што правиме е јавна, транспарентна и легитимна форма на студентска самоорганизација. Ниту сме партиски поврзани, ниту пак постои централен водач – пленумот е хоризонтален и демократски процес. Во време кога студентите конечно се обидуваат да зборуваат – немојте да ги замолчувате со лажни наративи“, се вели во демантито на НСС.

Сепак и покрај демантито на НСС, по откривањето на зум-комуникацијата со претставници од студентскиот пленум на Србија за консултации и размена на искуства за политичка капитализација на една национална трагедија, во јавноста засилено се шират претпоставки и „сознанија“ за поддршка, инспирација, па дури и неформални координација на активностите на „независните студенти“ од страна на ликови од медиумскиот свет во Македонија, близок на опозицијата.

Изразувањето револт по огромната трагедија како онаа од пред една недела во Кочани, барањето одговори и одговорност е легитимно право, дури и должност на граѓаните. Но политичката манипулација со таквите емоции и право на граѓаните, повторно го поставува ризикот за компромитација на сите легитимни барања за одговорност, заматување на правдата за политички интереси, и во крајна линија – сквернавење на болката за загубата на шеесетина невини жртви на неодговорноста за некои претходни лични, материјални, но и политички интереси.

Ј.П. 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ