сабота, 27 јули 2024
Се прават проверки дали се потребни и други дејствија

Заврши вештачењето на пиротехниката најдена кај внукот на Али Ахмети, се чека одлука од обвинител

Завршено е вештачењето на пиротехничките средства кои на крајот на минатата година беа најдени во возилото марка ренџ ровер со албански регистерски таблички кој го управуваше Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од Основното јавно обвинителство Скопје за МКД.мк на прашање до каде е истрагата кусо одговорија дека се прават проверки дали е потребно да се преземат и други дејствија, па да се донесе јавнообвинителска одлука.

Објавено на

часот

Сподели

„Вештачењето е завршено, се анализираат прибраните податоци и се проверува дали е потребно да бидат преземени други дејствија, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, ни одговорија од ОЈО Скопје.

„Запленети се 749 пиротехнички средства во Скопје, приведено е едно лице.
Денеска во 19.50 часот на улицата Самуилова во Скопје полициски службеници запреле патничко моторно возило марка ренџ ровер со албански регистерски таблички, управувано од Д.А. (25) од селото Зајас, кичевско и при преглед на возилото се пронајдени 749 пиротехнички средства. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, соопштија од МВР на 31 декември, минатата година.

Mладиот бизнисмен, кој во партнерство со бизнисмен од странство, го презеде деловниот објект Соравиа во центарот на Скопје, а по апсењето бил задржан во полициската станица позната под името Беко. Според некои медиуми, Ахмети на полицијата тогаш ѝ кажал дека пиротехниката е произведена во негова фабрика.

За внукот на Ахмети јавноста дозна на почетокот од летото кога беше објавено дека го купил (како косопственик) деловниот објект Соравиа во центарот на Скопје вреден над милион евра.

Дрин Ахмети со 25 години одеднаш стана голем бизнисмен кој преку компанијата Тор индустри и преку неговата компанија Еверест ЏД експлоатора варовник на доделена концесија во Зајас.

За него лидерот на  ДУИ има изјавено дека не се меша ниту се разбира од бизнис, но дека Дрин Ахмети е способно момче со диплома од познат универзитет во странство и дека создал добри деловни врски. Бил баран во странство да остане и да работи, но решил да работи во Македонија, ќе рече Али Ахмети.

Од настанот поминаа два месеци, а одлука што ќе се прави понатаму треба да донесе обвинител од ОЈ Скопје кој ја води истрагата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ