недела, 3 март 2024

Заврши општиот претрес по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година, дадена пауза за да се соберат пратениците за гласање

Собранието во рамки на попладневното продолжение на 135. седница го заврши општиот претрес по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година. Во моментов Собранието е на пауза за да се соберат пратениците да гласаат за точката на дневен ред.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Претходно во општата расправа пратениците од опозицијата истакнаа дека станува збор за најголемиот и најмегаломанскиот буџет досега, кој е нереален, полн со лажни бројки, нема јасна визија и ќе има последици за граѓаните во целата 2024 година. За оние, пак, од владејачкото мнозинство, буџетот е реален, развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст.

Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање порача дека станува збор за предизборен буџет, кој е најмалку развоен, и преку кој во првиот квартал ќе бидат насочени мерки со кои, како што рече, власта брзопотезно ќе се обиде да купи уште некој глас.

Лидија Тасевска од СДСМ посочи дека буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурни проекти, за привлекување на странски инвестиции, за иновативност на домашните компании, за поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и за интензивирање на конвергенцијата кон Европската Унија.

Според Силвана Ангелеска од ВМРО-ДПМНЕ, поразително е што една третина од буџетот за 2024 година е наменет за Министерството за труд и социјална политика, односно за купување на социјалниот мир.

„Овој буџет е смислен и таргетиран само до изборите, а потоа новата Влада веднаш ќе треба направи ребаланс бидејќи фалат средства“, рече Ангелеска.

Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата истакна дека 20 години само ДУИ ги поддржува сите буџети на државата. Тоа, според него, е можно зашто ДУИ мисли само на ДУИ и на никој друг.

„Во првата половина од годината буџетот ќе се троши како и досега, ама во втората како што треба, бидејќи оваа власт заминува. Живееме на кредит, а се селиме на рати. Секоја година од Македонија се сели по еден град. На граѓаните им требаат економски услови за да можат да заработат и да можат убаво да живеат во државата. Не заковавте на дното на Европа и во последните пет години економскиот раст на Македонија е 1,6 отсто, а БиХ со сите проблеми што ги има двојно повеќе расте, исто како и Косово“, рече Пренџов и праша на што се потрошени 30 милијарди евра во овие години.

Со неговото излагање заврши општата расправа по што почна разгледувањето на поднесениот амандман од  пратеникот Јован Митрески од СДСМ кој беше прифатен од заменик министерот за финансии Филип Николоски и стана составен дел на Дополнителниот предлог буџет. Веднаш потоа претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза за да се соберат пратениците да гласаат за предлог буџетот и за останатите точки на дневниот ред.

Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари. Се очекува раст на бројот на вработени од два процента. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.

Како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од општата расправа, најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.

Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент.

До крајот на годинава се очекува натамошно намалување на инфлацијата и таа во просек да изнесува 9,2 проценти, а следната година да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ