Централната манифестација се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје и на едно место ги собра децата од сите скопски општини кои ја оформија најголемата бадникова поворка. Тие од Камениот мост се упатија кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Ова му е потребно на народот! Така се одржува верата и традицијата! Нè расплакавте со ангелските гласови на децата… Ова беа дел од коментарите што ги упатија учесниците и набљудувачите.
Во рамките на манифестацијата, бесплатно беа поделени 2.000 божиќни ѕвездички. Божиќниот концерт пак, традиционално предводен од Златно славејче и македонските поп-ѕвезди ги подготви децата во еден глас да ја пеат Вечниот Бог. Концертот веќе втора година по ред, беше инклузивен и им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето.
За оваа манифестација, Здружението Бадникови поворки го доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.