сабота, 27 јули 2024

Заврши доказната постапка за пожарот во модуларната болница во Тетово, пресуда следниот понеделник

Објавено на

часот

Сподели

Застапникот на обвинителството посочи дека со изведените докази и искажани сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според обвинителството, двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарати, а тоа не го исполниле. За обвинетиот доктор Бобан Вучевски, обвинителот посочи сведочења на роднини и рече дека дозволил присуство на роднини на пациентите.

Кон завршните зборови на обвинителството се приклучија пет адвокати кои имаа полномоштво за застапување на семејствата на луѓето кои ги загубија животите во пожарот и повредните пациенти во модуларната болница. Тие во нивно име побараа од судот да ги насочи за надомест на штета и трошоци.

Адвокатот на Клиничка болница Тетово наведе дека за двете дела за кои се товари болницата преку сведочења се докажува спротивното. Тој ги предочи сведочењата на вработени во болницата кои во текот на судењето истакнале дека имало поставени противпожарни уреди и дека установата имала истакнато наредби и правилници околу постапување кон прописите за време на пандемија.

Адвокатот на обвинетиот Флорин Бесими во завршните зборови ги посочи сведочењата на вработени во болницата кои истакнале дека имало уреди за гасење пожар. Според него, од друга страна обвинетиот не бил овластен и немал обврска за поставување противпожарни уреди и не учествувал во примопредавање на модуларната болница.

И адвокатот на обвинетиот Артан Етеми побара ослободителна пресуда потенцирајќи дека обвинетите не се обвинуваат за предизвикување на пожар, туку за сосема друго кривично дело сторено од небрежност. Според адвокатот несвојствено е да се определува широк временски опсег на сторување на кривичното дело иако поставените прашања до сведоците беа исклучиво за 8 септември 2021 година, денот кога се случи пожарот.

Бранителот на обвинетиот доктор Бобан Вучевски посочи дека се приклучува на завршните зборови на претходните адвокати потенцирајќи дека обвинителство не докажало кривично дело сторено надвор од здрав разум од страна на неговиот клиент. И за Вучевски побара ослободителна пресуда. Денеска повторно пред судот група граѓани пред почетокот на рочиштето преку мирен протест побараа ослободителна пресуда за докторот.

Сите обвинети се согласија со завршните зборови на своите адвокати.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Судењето започна во декември 2022 година. Изрекувањето на пресудата е закажано за понеделник, 5 јуни, напладне.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ