„Тие важеле за најразвиени градови од периодот после смртта на Александар III Македонски, Пела, Вергина, Олинт, Пидна и Дион, заедно со новоотворените музеи и локации. Главна цел беше запознавањето и компарацијата на движниот и недвижниот материјал, која ќе се користи при обработката на податоците кои се добиени со истражувањата на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане. Како напомена, на врвот на локалитетот е откриена градба која веројатно имала улога на палата, а која во голема мера го следи планот на богатите македонски куќи од хеленистичкиот период (4-2 в. пр. н.е.), како во основата, така и во внатрешната декорација. Она што е карактеристично за дел од богатите куќи од Пела е токму полихрониот боен малтер, којшто е најден и на нашиот локалитет во неколку простории од палатата, и со тоа претставува најсеверна точка на негова употреба во посочениот период. За време на посетата, увидовме и други сличности, како преку движниот материјал (резултат од развиената трговија), така и преку очигледниот трансфер на знаења од југ кон север. Останува за натаму да се протолкува начинот на кој е вршен овој трансфер, односно дали тој е резултат на македонските освојувања кон север, дарданските освојувања кон југ, или се работи за проток на луѓе како резултат на трговските врски“, изјави Ѓорѓиевски.
Заедно со колегите од Грција и Србија во наредниот период хронолошки и културолошки ќе се определува локалитетот преку меѓународната соработка која ќе се одвива во неколку фази. Во наредниот период ќе се подтови заеднички материјал за публицирање, а во контекст на понатамошното заедничко претставување, археолозите од земјите ќе аплицираат за подготовки на виртуелни изложби и дигитализација на ископаниот материјал.