сабота, 21 декември 2024

Затекнавме хаос во МВР, рече Тошковски на отчетот за 100 дена од неговата работа како министер

Факт е дека затекнавме хаос, револтирани граѓани и изгубено достоинство, истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција по повод 100 дена од работата на Владата. Тој порача дека кога станува збор за вработувањата и назначувањата во институциите, но и генерално, во сите општествени сфери, приоритет мора да бидат знаењето, капацитетот и професионалноста, а не етничкиот предзнак. Тој денеска уште еднаш вети дека ќе има одговорност за сите што го прекршиле законот, но, за криминалите поврзани со висока корупција и кражби од епски размери, како што напомена, не е можно брзо постапување.

Објавено на

часот

Сподели

Со макотрпна и посветена и организирана работа го решивме проблемот со издавање лични документи, рече Тошковски.

„Нема веќе гужви со часови. Во насока на доближување на условите на МВР до граѓаните и остварување на нивните права, отворивме канцеларии на управни служби во Општина Јагуновце и Матејче и во идниот период ќе се отворат повеќе такви канцеларии секаде каде што немало за граѓаните полесно о побрзо да ги остваруваат своите права и полесен и побрз пристап до нашите услуги“, истакна Тошковски.

Во насока на унапредување на условите за работа и градење на задоволна и ефикасна полиција министерот, Тошковски го потенцираше почетокот на целосното реконструирање на Центарот за обука на МВР, планот за изградба на нови полициски станици и преземање на напуштени и неискористени објекти и нивно профункционирање, како и отворањето на новиот Регионален К9 центар за обука и сертификација поддржан од мисијата на ОБСЕ.

„Во наредниот период најавувам ново средно полициско училиште. После прва и втора година средно образование, идните млади полицајци трета и четврта година ќе можат да ги поминат во рамки на средното полициско училиште коешто ќе биде лоцирано токму во центарот за обука. Овој тренд е имплементиран и во земји од ЕУ бидејќи нашите анализи покажуваат дека професионалниот капацитет на полициски службеници коишто биле едуцирани во рамки на средно полициско училиште е далеку повисок така што ова ќе биде еден од основните фокуси на МВР во следниот период“, потенцираше министерот.

Тој посебно го нагласи проблемот со немањето на соодветни полициски униформи за полициските службеници и истакна дека веќе интензивно се работи за набавка на нови практични и квалитетни полициски униформи.

„Се надевам дека веќе следната година сите полициски службеници ќе можеме да ги облечеме, во соодветни, практични и достоинствени полициски униформи какви што тие заслужуваат, а граѓаните очекуваат од својата полиција“, дециден беше министерот Тошковски.

Тошковски ги истакна и одлуките за исплаќање на финансиски средства за хранарина за подолга работа од три часа во ноќна смена, што во минатото предизвикувало генерирање огромен број тужби против министерството и промена на колективниот договор за финансиска награда за новороденче и кон полициските службеници од машки пол со тоа надминувајќи ја дискриминацијата која била правена порано со награда само на вработените од женски пол.

Во делот на дигитализација на процесите кој е еден од главните фокуси како на министерството така и на Владата, министерот ги истакна проектите како мобилната апликација „џастис РБН за родово базирано насилство“ за постапување на полициските службеници по случаи за родово базирано насилство, новиот софтвер за менаџмент на воздухопловни полициски операции и меморандумот за користење на системот „Безбеден град“ со над 220 надзорни камери во Кавадарци.

„Зголемено присуство на полицијата, побезбедни граѓани“ е мотото под кое МВР работи за обезбедување на граѓаните како на Скопје, така и на државата со цел доведување на безбедносната состојба на ниво на кое е задоволителна.

„Граѓаните на државата, а посебно на Скопје се сведоци на унапредување на безбедносната состојба во изминатиот период. Имавме голем број на спроведени акции во овие 100 дена, со голема успешност, констатирани прекршоци. Имавме и голем број приведени лица, лица барани со потерници, лица избегани од затвори или сториле одредено кривично дело. Сето тоа беше верификувано со голем број кривични и соодветни пријави и оваа акција даде многу добри резултати и ќе продолжи и во иднина“, нагласи министерот.

Во борбата со пожарите, Тошковски нагласи дека и покрај уништениот систем од претходно, сепак хеликоптерската единица на МВР е главниот столб во делот на справувањето со пожарите кои беснееја ова лето.

„Хеликоптерите на МВР имаат над 350 летечки часа во текот на летото со исфрлени над 3400 тони вода без пожарите. 10 часа беа остварени во реализирани седум потраги и спасувачки акции и имаме два медицински лета 15 летачки часови“, акцентираше Тошковски.

Реферираше и за борбата со криминалот и корупцијата и во полициските редови, бидејќи, како што рече, граѓаните заслужуваат чесна и професионална полиција која ќе се бори со криминалот и ќе ја обезбедува нивната безбедност.

Тошковски порача дека кога станува збор за вработувањата и назначувањата во институциите, но и генерално, во сите општествени сфери, приоритет мора да бидат знаењето, капацитетот и професионалноста, а не етничкиот предзнак.

Одговорајќи на новинарско прашање колкав е бројот на Албанци на управувачките позиции во МВР, Тошковски рече дека никогаш во животот не му значело дали е некој Македонец, Ром, Бошњак, Турчин или Србин, туку колку си ја знае работата и колку е професионален.

„Пред вас господинот што седи е Албанец и од мене е назначен за помошник министер, но не поради неговиот етнички предзнак, туку зашто има огромно искуство во МВР и огромен професионален капацитет. Од него очекувам да даде многу во она што ќе следи во насока на професионализација на полициските службеници. Кога зборуваме на тема МВР, професионални стандарди и потреба на граѓаните, не треба да зборуваме од аспект на етнички предзнак. Никогаш не ми значело кога одам на лекар дали докторот е Албанец, Ром, Бошњак, Македонец, Србин, Турчин, Англичанец,… Никогаш не ми значело кога одам на судење, дали судијата е Ром, Влав, Турчин, а секогаш ми значаело дали е професионален, колку знаење и капацитет има. Така треба да ги гледаме работите“, рече Тошковски.

Сепак, тој соопшти и конкретни бројки за етничката застапеност во МВР.

„Во рамки на управните служби во Скопје 51,96 отсто се Македонци, 39,37 се Албанци, а 8,67 проценти се од друга националност. Во ОУР Тетово има 23,6 отсто Македонци, 66,29 проценти Албанци, а во ОУР Куманово 52,83 отсто Македонци, 45,28 отсто Албанци и 1,89 други националности. Мора да се фокусираме на професионалноста за добото на народот“, подвлече министерот.

Тој денеска уште еднаш вети дека ќе има одговорност за сите што го прекршиле законот, но, за криминалите поврзани со висока корупција и кражби од епски размери, како што напомена, не е можно брзо постапување.

Тошковски рече и дека веќе нема да има циркуси, претстави и „бркање вештерки“, туку ќе се постапува професионално, со максимално почитување на правата на сите инвловирани во случаите, и на оштетените и на обвинетите.

Воедно информира дека до МВР се веќе доставени докази за поголем број лица кои се од интерс за јавноста.

„Разбирам дека народот е гневен и дека има огромни очекувања во делот на одговорноста. Ветувам дека одговорност ќе има, но тоа мора да биде во рамки на законските постапки. Секој за кого ќе има докази, ќе биде предмет на соодветна постапка во МВР, посебно за оние што душмански го краделе народот или незаконски предизвикале таков тип штети“, истакна министерот.

Според него, МВР се труди максимално ефикасно и брзо да ги сработи овие постапки.

„Сепак, за криминал поврзан со висока корупција и кражба од епски размери на даночните обврзници, брзо постапување не може да има. Ќе постапуваме со внимание, професионално, со докази и факти, почитувајќи ги притоа правата на сите инвловирани. Само така можеме да зборуваме за нормализирање на државата. Циркуси веќе нема да гледате, македонската јавност заслужува достоинствен однос кон секого во истражната постапка и во рамки на законите“, потенцира Тошковски.

Тој потсети дека МВР веќе покрена неколку случаи.

„Јавноста гледа, знае и е сведок дека во изминатиопт период од МВР е поднесена една кривична пријава против  екс директорка на Здравствен дом која Обвинителството ја прифати и процесуираше до судот, поднесена е и кривична пријава против пртеник кој при вршење на своите работни задачи, злопутребувајќи ги овластувањата, го прекршил законот, а кривична има и против двајца градоначланици. Ќе следат и други, за други градоначалници кои не почитувале законски одредби“, најави Тошковски. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ