Александар Велики Македонски е спомнат и во Библијата (Стариот завет) и во Куранот (под описното име Зул Каријан), а според некои исламски преданија тој бил еден од најважните пророци на Алах. Меѓутоа, во македонската историографија е малку познато дека Македонците одиграле значајна улога и во ширењето на уште една светски позната религија, а тоа е будизмот.
Познато е дека будизмот се појавил во североисточна Индија. Оваа религија е заснована врз учењето на Сидарта Гаутама, кој е познат и како Буда (што значи Просветлениот, т.е. Разбудениот). Тој се родил околу 563 година пред Христа во Лумбини (денешен Непал). Во своето учење тој се спротивставил на некои делови од хиндуизмот, на аскетизмот и на екстремниот спиритуализам, а се спротивставил и на системот на касти, како и на жртвувањето. Неговото учење денес е една од главните светски религии.
Првите европјани кои помасовно дошле во допир со Индија и со будизмот биле Македонците и припадниците на останатите народи од војската на Александар Велики Македонски. За време на својот незапирлив поход кон исток, во есента 327 година пред Христа, македонската војска се упатила кон реката Инд, каде се судрила со индиските племиња Аспасијци и Асацени, кои биле поразени и покорени. Така Македонците го освоиле Пенџаб и го приклучиле кон својата држава. За намесник на Пенџаб бил поставен Никанор. Во 326 година пред Христа Македонците ја поминале реката Инд и стигнале кај својот сојузник принцот Таксил, во чија земја поставиле свој гарнизон. Во летото истата година дошло до голема битка меѓу војската на Александар Велики Македонски со војските на кралот на Кашмир и на индискиот крал Пор.
Македонската војска однела голема победа, а Пор бил заробен, но животот му бил поштеден и бил оставен да владее како намесник под власта на Александар. Овде биле основани два македонски града, кои го добиле името Никеја и Букефалија. Истовремено Македонците почнале да градат и голема флота, а Александар почнал да прави планови да ја освои и територијата на речиси цела денешна Индија. Но, неговата војска која била целосно исцрпена одбила да го следи, а Александар откако не успеал да ги убеди, решил да се вратат кон Македонија. Меѓутоа, кога стигнале во Вавилон, Александар таму починал во 323 година пред Христа.
Интересно е да се види што се случило во Индија по смртта на Александар Македонски, за што малку е пишувано во нашата историографија. Недолго по неговата смрт македонската војска била избркана од Индија. На чело на оваа кампања се наоѓал Индиецот Чандрагупта, кој кај античките хеленски историчари е познат и под името Сандротикос. Тој собрал голема војска со која прво ја освоил власта во Магадха (држава која тогаш се наоѓала во централниот северен дел на денешна Индија) во соседство со границата на Македонската империја (која се протегала близу реката Инд). По смртта на Александар, Чандрагупта почнал да подготвува воен удар против Македонците. Во 321 година пред Христа тој извршил напад врз Македонска војска, која била стационирана во Индија. Во овој напад, како востаници, учествувале и домородните Индијци кои се наоѓале под македонска власт. Така Чандрагупта успеал да им го одземе Пенџаб на Македонците. Подоцна тој ги проширил границите на својата држава низ цела северна Индија, а на запад стигнал до Арабиското Море. Во тоа време со дел од азиските територии (кои претходно ги освоил Александар) владеел неговиот генерал Селевк (кој ја основал династијата и државата на Селевкидите, која владеела со голем дел од веќе поделената македонска империја). Судирот помеѓу Селевк и Чандрагупта завршил со пораз на војската на Селевк. Тогаш Чандрагупта им одзел на Македонците и други азиски територии (денешнен Авганистан, Хинду-Куш и други). Така тој ја проширил својата држава уште повеќе за сметка на македонските освојувања. Потоа дошло до мир и пријателство помеѓу Чандрагупта и Селевк. Чандрагупта на Селевк му дал скапи подароци и петстотини борбени слонови (кои подоцна му биле добредојдени во битките што ги водел на запад), а Селевк му ја дал на Чандрагупта својата ќерка за жена. Но, потоа Чандрагупта абдицирал и станал монах, по што заминал во доброволно прогонство во јужна Индија, каде починал околу 286 година пред Христа откако претходно со денови одбивал да прими храна.
Во историјата на Индија презентирана на интернет, овие настани се прикажани со зборовите: „Инвазијата на Александар ги натерала Индијците да создадат централизирана држава. Чандрагупта му објавил војна и го поразил Селевк Никатор, македонски владетел на северозападните територии, кои биле освоени од Александар Велики. Чандрагупта му ги одзел на Селевк: Пенџаб, Кабул, Кандахар, Гадара и Персија. Потоа ќерката на Селевк била омажена за Чандрагупта”.
Интересно е дека Чандрагупта, иако бил тој што ги избркал Македонците од Индија, длабоко го почитувал Александар Велики Македонски. Старогрчкиот историчар Плутарх пишува дека Чандрагупта кога бил момче лично го видел Александар Македонски во Индија и подоцна честопати изјавувал дека ако сакал Александар можел да ја освои и територијата на цела денешна Индија. Во врска со ова Плутарх во биографијата за Александар Македонски (глава 62) пишува:
„Сандрокотис (грчко име за Чандрагупта, з.м.) кој тогаш бил момче лично го видел Александар, па велат, подоцна повеќепати рекол оти Александар без поголеми маки можел да стане господар и на тие земји зашто нивниот крал бил омразен и го презирале поради својата подмолност и ниско потекло.”
Откако абдицирал Чандрагупта бил наследен од својот син Биндусара, кој исто така одржувал добри односи со соседната држава на Македонците Селевкиди. Всушност Чандрагупта и неговите наследници се познати под името Маурја династија. Биндусара бил заменет со својот син Ашока Вардана (271-232 пред Христа), кој уште повеќе ги проширил границите на индиската држава.
Ашока бил голем приврзаник на будизмот. Тој изградил голем број будистички храмови и светилишта и го проширил будизмот низ голем дел од Индија (и пошироко). Тој испратил будистички проповедници во разни делови на светот. Некои од нив стигнале дури и во Македонија, а други престојувале во државите со кои владееле македонските династии на Селевкидите и на Птолемеите. Кралот Ашока извршил пресудно влијание врз развитокот на будизмот и неговото име останало со светли букви запишано во историјата на оваа религија. Денес будистите од целиот свет со голема почит се однесуваат кон неговите лик и дело.
Она што е малку познато во нашата јавност е фактот што мнозина истражувачи сметаат дека Ашока во себе имал и македонска крв! Иако за неговиот живот не се знае многу, постојат индиции, според кои, многу е веројатно дека тој бил син на синот, кој се родил во бракот помеѓу Чандрагупта и ќерката на македонскиот крал Селевк. Практично, ќерката на Македонецот Селевк најверојатно му била родена баба на најпознатиот древен индиски крал Ашока. Познатиот индиски историчар и истражувач на наследството на балканската култура во Индија д-р Ранаџит Пал од Калкута децидно смета дека кралот Ашока бил роден внук на ќерката на Селевк, а тоа го поткрепува со фактот што второто име на Ашока (кое гласело Вардана) имало балканско потекло. (Dr. Ranajait Pal “The Olthar of Alexander now standing in Delhi”).
Дека најпознатиот древен индиски крал Ашока имал делумно македонско потекло смета и историчарот Р. Тапар. Тој смета дека кралот Ашока и тогашниот македонски крал Антиох (од династијата на Селевкидите) биле блиски роднини. (“Asoka and the decline of Mayras”, Oxford University Press, 1961).
Истото го пишува и во книгата „Рана Индија и Пакистан” од историчарот Вилер. Во врска со етничкото потекло на кралот Ашока, овде читаме:
„Сосема е можно дека Ашока во своите вени ја носел крвта на Селевкидите. За време на владеењето на неговиот татко можно е дека му биле претставени живите спомени за Александар Велики а тој, кога станал крал, самиот ни кажува за своите врски со западните сили.” (Wheeler: “Early India and Pakistan”, Thames and Hudson, 1968, стр. 170).
Кралот Ашока е познат и по тоа што оставил свои записи. Тоа се познатите Столбови на Ашока, кои денес се сметаат како едно од најзначајните дела на древна Индија. Текстот на овие столбови претставува збирка од едикти посветени на реформите што Ашока ги спровел, како и на моралните принципи за однесувањето на луѓето. Во ова дело тој ги споменува тогашните владетели на државите на Птолемеите, на Селевкидите и на Македонија и пишува за обидите на ширењето на будизмот во овие држави. Повеќе научници сметаат дека некои од клучните идеи што кралот Ашока ги претставил во своите едикти всушност ги презел од идеите на Александар Македонски. Таква пред сѐ е идејата за братство помеѓу народите.

Некои научници сметаат и дека Столбовите на Ашока биле дело на Македонците, т.е. дека тие всушност ги претставуваат олтарите што своевремено таму ги поставил Александар Македонски, а дека кралот Ашока, педесетина години подоцна, само ги искористил овие олтари за своите записи. Имено, познато е дека пред да се врати во Вавилон, Александар во Индија подигнал 12 масивни олтари во чест на боговите, кои се спомнати во делата на неколку древни историчари. До неодамна официјално се сметаше дека овие олтари не се зачувани, т.е. дека не е пронајдена ни трага од нив. Меѓутоа, по темелните истражувања што ги има извршено д-р Пал, тој понуди интересен одговор на прашањето зошто досега не се пронајдени овие олтари.
Д-р Пал смета дека некои од овие олтари до денес стојат, но дека се преправени. Имено, тој тврди дека овие масивни олтари ги искористил и ги преправил токму подоцнежниот индиски моќен владетел Ашока и дека тоа всушност се Столбовите на Ашока. Во врска со ова д-р Пал пишува:
„Внимателната анализа на грчките, латинските и санскрит изворите ни зборува дека неговите (Александровите, з.м.) познати олтари не се најдени бидејќи тие биле употребени од страна на Ашока за презентирање на сопствените пораки. Ашока не ги искористил само олтарите, туку ги искористил дури и неговите (Александровите, з.м.) пораки за толеранција и љубов, кои биле целосно на линија на повикот на Александар за братство помеѓу народите.” (Д-р Пал, цит. дело).
Понатаму д-р Пал прави детална анализа во врска со потеклото на столбовите на Ашока при што констатира дека тие очигледно биле изградени пред времето на Ашока, т.е. пред времето кога биле испишани. Д-р Пал тврди и дека никој друг во Индија не можел да подигне такви споменици пред Ашока, освен Александар Велики Македонски. Во врска со ова д-р Пал пишува:
„Невозможно е и да се помисли дека кој и да било друг, освен Александар, би можел да подигне толку голем столб од времето пред владеењето на Ашока. Има малку сомневање дека столбот во Делхи, на кој е запишан седмиот едикт на Ашока, всушност е еден од изгубените олтари на Александар.” (цит. дело).
Д-р Ранаџит Пал ја анализира и уметноста на еден од овие столбови, познат под името Сарнат-столб, што се смета за ремек-дело во уметноста на древна Индија. Тој ја анализира претставата на лавовите на овој столб и потсетува дека лавовите во ликовните претстави на древна Индија биле увезен мотив.
Слично смета и еден од најголемите познавачи на индиската уметност Алфред Фоучер, кој пишува дека лавот како уметничка претстава нема своја традиција во источниот дел на Индија, туку само во западниот, каде што и се случил допирот со културата што ја донел Александар Македонски (Д-р Пал, цит. дело).
Понатаму, д-р Пал ја потенцира улогата на лавот во уметноста на древна Македонија, при што заклучува дека Александар Македонски бил тој што им ја претставил на Индијците уметничката претстава на лавот. Тој потсетува дека и Филип Втори своевремено подигнал споменик со лав за да ја овековечи победата кај Херонеја, па смета дека такви столбови подигнувал и Александар за овековечување на своите победи во Индија. Во врска со ова д-р Пал пишува:
„Лавот е увезен елемент во индиската уметност. Од друга страна лавот имал големо значење за Македонците. Кога Филип сакал да ја овековечи големата македонска победа кај Херонеја, тој таму поставил статуа на лав. Поради тоа многу е веројатно дека неговиот славен син исто така подигнал столбови со лавови во Индија. Се знае дека тој секогаш носел со себе мал златен лав”. (цит. дело).
Познатиот современ биограф на Александар Македонски, В. Тарн оди уште подалеку и заклучува дека империјата на Ашока немало ни да се појави ако не бил Александар Велики Македонски. Тој ја потенцира улогата на Александар во ширењето на будизмот. Во својата книга “Александар Велики”, Тарн пишува:
„Александар индиректно ја создал империјата на Ашока и го овозможил ширењето на будизмот”.
Културното влијание на Македонците врз будизмот се огледува и во сликарството и литературата. По воспоставените контакти помеѓу балканската) култура и индиската, за прв пат во Индија почнал да се слика ликот на Буда во форма на човечки лик. Ова се смета како директно влијание од културата што Александар Македонски ја претставил во Индија.
Од сето досега изнесено може да се заклучи дека Македонците оставиле значителен белег и во будизмот, како и во индиската култура воопшто. Индискиот историчар д-р Ранаџит Пал, пишувајќи за влијанието што Александар Македонски го оставил врз индиската култура и врз будизмот, вели дека Александар го задолжил будизмот со тоа што ја одржувал оваа религија додека престојувал во Индија. Д-р Пал смета дека благодарение на Александар Македонски индиската цивилизација доживеала свој нов процут. Во врска со сето ова тој пишува:
„Александар сонувал за братство помеѓу народите во тогашниот свет полн со конфликти… Германскиот историчар од 19 век Дројзен смета дека христијанството никнало врз културното милје што резултирало од мешањето помеѓу Европа и Азија... Но, вистината е уште подлабока – дури и будизмот, каков што го знаеме денес, останал должен на Александар, кој го поддржувал уште пред Ашока… Обновувањето на индиската цивилизација во четвртиот век пред Христа во голема мера се случило благодарение на негова иницијатива“ (Dr. Ranajit Pal, цит. дело).
Патем да споемнеме дека династијата Маурја на која припаѓал кралот Ашока била најпознатата индиска династија во антиката. Во времето на оваа династија настанало и светски познатото дело Кама Сутра. Поради фактот што ќерката на македонскиот владетел Селевк се омажила за основачот на Маурја династијата, практично во ова најпозната древна индиска династија имало и македонска крв, која најверојатно течела и низ вените на најпознатиот древен индиски крал Ашока.
На крајот, во врска со целокупното влијание на Александар Македонски врз индиската култура, наместо заклучок, ќе ја пренесеме констатацијата на индискиот историчар д-р Ранаџит Пал, кој пишува:
„Александровото вистинско наследство останува скриено. Неговото директно влијание во Индија не исчезнало со генерации, туку било преземено и преуредено во рувото на Ашока. Многу е веројатно дека истражувањата во реонот Топра ќе откријат остатоци од Александар што ќе биде настан од извонредно значење за светската историја”. (Д-р Ранаџит Пал, цит. дело).
Александар Донски