понеделник, 21 октомври 2024

Започнаа работите за враќање во живот на Универзалната сала до 2026 година

По девет години неработење и пропаѓање на објектот и по пауза од две години од одлуката на Град Скопје да се откаже од реконструкцијата започната во 2021 година од претходната градска власт, денеска започна обновата на работите за реконструкција на Универзалната сала во Скопје. Проектантот Бујар Муча изјави дека ќе биде задржан автентичниот изглед, салата ќе биде модерна внатре, но посетителите ќе го имаат истото чувство како некогаш.

Објавено на

часот

Сподели

Реконструкцијата ќе се одвива во две фази и се очекува да биде завршена до 2026 година кога објектот треба да е подготвен за настани и да ги прими своите посетители. Во текот е првата фаза, односно реконструкција на кровот и на фасадата, а потоа продолжува техничката фаза и ентериер.

Проектантот од „Мегарон инженеринг“, Бујар Муча изјави дека проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година, и сега е ставен на располагање на изведувачите.

„Мојот тим ја имаа таа среќа да биде ангажиран, а во тоа се вложивме и материјално и интелектурално. Најпрвин треба да се заврши она што е започнато, а тоа е првата фаза, односно реконструкцијата на кровот и на фасадата на објектот и потоа стандарната процедура е да се продолжи со она што се технички фази и интериер“, рече Муча.

Во однос на сцената и просторот за публиката, Муча посочи дека тој ќе биде комплетно модернизиран, а бројот на седиштата ќе се намали заради новите прописи. Како што информираше, ќе има 300 седишта помалку заради противпожарни но и сите други архитектонски прописи.

„Кога ќе влезете во салата, ќе знаете дека влегувате во комплетно модернизирана Универзална сала“, додаде Муча.

Прашан дали има уништување на просторот со оглед на тоа што Универзалната сала со години беше отворена, Муча посочи оти не верува дека има оштетувања кои би можеле да наштетат на она што веќе е изградено.

„Веројатно ќе се направи ревизија од стручни тела и тоа ќе се открие. Доколку постои потреба од одредена санација веројатно ќе се направи, но не верувам дека има сериозно оштетување“, посочи Муча.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска потсети дека Универзалната сала е архитектонски и културен симбол на Скопје.

„Министерството за култура презеде обврска во наредните три години непречено да го реализира проектот, затоа што има обезбедено финансиски средства и комплетна документација. Универзална сала има емотивна вредност и за скопјани и за публиката. Универзалната сала му недостига на Скопје, им недостига на уметниците и на културните работници“, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа нагласи дека станува збор за мултифункционален објект кој повторно ќе им припаѓа на уметниците, на културните дејци и на публиката.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека со реконструкција на Универзалната сала конечно ќе се врати симболот на модерно Скопје.

„Она што беше почнато како процес пред повеќе месеци кога Градот Скопје одлучи да го предаде објектот на Министерството за култура со цел да се направи комплетна реконструкција, наскоро ќе добие и конкретен епилог. Конечно го враќаме симболот на модерно Скопје, на солидарно Скопје. Генерации скопјани израснале со настаните во Универзална сала и уште генерации и генерации ќе уживаат во годините кои доаѓаат во настаните коишто тука ќе се организираат“, рече Ковачевски.

Тој потсети дека според договорот, Министерството за култура откако ќе ја финализира градбата ќе го предаде објектот на Град Скопје со целокупната пропратна документација во однос на изведувањето. Потоа, како што рече, сите права и обврски кои произлегуваат од сопственоста на салата ќе бидат предадени на Градот Скопје.

„Владата предводена од СДСМ во мојот мандат донесе одлука за одземање на ингеренциите над Универзална сала од Градот Скопје и истите ги префрли на Министерството за култура со што министерката за култура Костадиновска Стојчевска имаше повеќе овластувања да го потпише договорот со Градот Скопје за продолжување на реконструкција на Универзална сала. И министерката и службите во Министерството во рекорден рок ги завршија сите процедури“,, рече Ковачевски.

Инаку, за оваа година за реконструкцијата на Универзалната сала се обезбедени вкупно 120 милиони денари. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ