четврток, 13 јуни 2024

Започна судењето на поранешниот австриски канцелар Курц

Пред покраинскиот суд во Виена денеска почна судскиот процес против поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц и неколку негови поранешни соработници поради обвинувања дека дале лажни изјави на распит среде таканаречената афера Ибица.

Објавено на

часот

Сподели

„Обвинителството веќе две години против мене изнесува обвиненија и убеден сум дека тие ќе се покажат како лажни“, изјави Курц пред насобраните новинари пред судењето. Тој му замери на специјалното државно обвинителство кое се бори против корупцијата дека секогаш ги толкува настаните на негова штета.

Државното обвинителство задолжено за економски криминал ги обвини Курц и неговите соработници, поранешната потпретседателка на ОВП, Бетина Глац-Кремснер и поранешниот шеф на канцеларијата на Курц, Бернхард Бонели, дека дале лажни изјави за време на распитот пред парламентарната комисија која се занимава со аферата Ибица.

„Курц сакаше да спречи штета за својот углед и угледот на својата партија со минимизирање на својата улога во настаните кои во јавноста се познати како афера Ибица“, рече високиот јавен обвинител Грегор Адамовиќ. Тој рече дека собраниската комисија за истрага на аферата Ибица не е суд, но и дека давањето лажно сведочење пред ова тело има тежина поради одлуките што ги носи оваа комисија.

За време на аферата Ибица, излезе на виделина дека Партијата на слободата на Австрија (ФПО), тогашен коалиционен партнер во владата на канцеларот Курц, им понудила на странски инвеститори, кои се покажале како лажни, политичко влијание. Во замена за партиски донации ФПО на внуката на наводен руски олигарх ветила преземање на сопственички акции во австриските медиуми, како и повластици при јавни тендери.

По избивањето на аферата, претседателот на ФПО Хајнц Кристијан Штрахе поднесе оставка, а неговата партија ја напушти владата, по што Курц, кој цело време ја уверуваше јавноста дека ОВП не е вмешана во оваа афера, распиша нови избори.

Курц победи на предвремените избори во 2019 година, но поради обвинувањата дека влијаел на манипулациите со предизборните анкети во корист на својата партија, тој поднесе оставка од функцијата претседател на ОВП и канцелар во 2021 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ