сабота, 27 јули 2024

Почна конститутивната седница на новиот собраниски состав

Почна конститутивната седница на новиот собраниски состав. Со седницата претседава Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна меѓу пратениците. На седницата присуствуваат претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, како и претставници на дипломатскиот кор, поглаварите на верските заедници и претставници од државните институции и правосудството.

Објавено на

часот

Сподели

Дневниот ред беше усвоен со 93 гласа од присутните 116 новоизбрани пратеници, останатите не се изјаснија ни воздржано, ниту против.

На дневен ред се избор на Верификациска комисија, верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието. Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието, место на кое ќе биде предложено да седне Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата Вреди.

Собранието ќе има 120 пратеници, но на седницата се очекува да присуствуваат 118 бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандати за кои се прегласуваше минатата среда во тек се жалбените постапки.

Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Сѐ уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Биљал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, пак, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.

Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ