сабота, 25 мај 2024

Заминувањето на Јосип Броз Тито: Пред 44 години почина доживотниот претседател на СФРЈ

„Почина другарот Тито. Ова вечерва ѝ го соопштија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија на работничката класа, на работните луѓе и граѓани, на народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“, гласеше веста која одекна низ целиот свет на 4 мај 1980 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Доживотниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито почина на денешен ден пред 44 години, во 15. 05 часот, во Клиничкиот центар во Љубљана и тоа три дена пред својот 88-ми роденден.

Тој во јануари беше примен поради проблеми со циркулацијата, а пред смртта му беше ампутирана ногата, на што не сакал да се согласи додека бил свесен. Од средината на февруари беше во вештачка кома.

Веста за смртта на Тито на Југословените им ја соопшти спикерот на Телевизија Белград Миодраг Здравковиќ.

Ковчегот со посмртните остатоци на Тито пристигна следниот ден со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб, во Белград. Три дена подоцна на погребот присуствуваа 700.000 луѓе, меѓу кои 209 државни делегации од 128 земји во светот.

Тоа беше најпосетениот погреб на некој државник во 20 век, на кој последна почит оддадоа 31 претседатели на држава, 22 премиери, четири крала, шест принца и 11 претседатели на национални парламенти – меѓу другите и Маргарет Тачер, потпретседателот на САД Волтер Мондејл, Индира Ганди, Хосни Мубарак, Садам Хусен, Леонид Брежњев, Николај Чаушеску, шведскиот крал Карл Шеснаесетти Густав…

 

Тито е погребен во Куќата на цвеќето на Дедиње, а од 2013 година покрај него е и неговата сопруга Јованка.

Гробот на Тито, со блискиот Музеј на Југославија, сè уште е одредиште на бројни туристи, посетители и почитувачи од поранешните југословенски републики и целиот свет.

Јосип Броз Тито е роден во Кумровец во тогашна Австроунгарија на 7 мај 1892 година. Во тоа време станал најмал водник во австроунгарската војска, а за време на Првата светска војна го раниле и заробиле Русите, па завршил во работните логори во Русија.

По Октомвриската револуција во 1920 година се враќа во новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците и во Загреб се зачленил во Комунистичката партија.

По избивањето на Втората светска војна станал лидер на Партизанското движење на отпорот, а по нејзиното завршување лидер на Југославија во која е воспоставен нов општествено-политички поредок.

Бил претседател на владата од 29 ноември 1945 година, а по 1953 претседател на Сојузниот извршен совет и претседател на Републиката. Кога една година подоцна тие функции биле раздвоени, до крајот на животот бил претседател на Републиката, а од 1974 година и претседател на Претседателството на СФРЈ.

Имал чин на маршал на Југославија и позиција на врховен командант на Југословенската народна армија. Еден е од основачите на Движењето на неврзаните, а некое време бил и генерален секретар.

Во Кумровец денес беше одбележана 44-годишнината од смртта на Јосип Броз Тито со положување венци и палење свеќи.

Пред споменикот пред Титовата родна куќа венци положија бројни делегации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ