вторник, 25 март 2025

Закрепнувањето на 17-те пациенти од пожарот во Кочани на УКЦ во Белград се движи во добра насока

Седумнаесет лица повредени во пожарот во Кочани се лекуваат во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград, од кои две се на механичка вентилација, а двајца се оперирани, изјави др Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС, јави дописникот на МИА од Белград. Стојичиќ нагласи дека пациентите се во добра состојба и постоперативно е без проблеми.

Објавено на

часот

Сподели

„Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение, бидејќи успешно закрепнува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за интензивна нега“, изјави тој за РТС.

Тој наведе дека кај пациентите кои веќе се оперирани, процедурата опфаќа отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други региони и се пресадува на изгорените места.

На еден пациент ќе му биде извршена нова операција за околу пет дена (на другата рака).

Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа.

Што се однесува до закрепнувањето на оние кои биле оперирани, Стојичиќ истакна дека конечниот резултат обично се забележува за 14 дена, а потоа следува фаза на закрепнување со помош на физикална медицина.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ