сабота, 2 март 2024

Законските измени за коридорите го минаа првиот собраниски филтер, а се повлечени измените на законот за културното наследство

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијанса гласаа за потребата од носењето на законите, така што главно по 55 – 57 гласови ЗА имаше за секој предлог-закон. Против законските решенија беа двајцата пратениците од ЛДП, како и Маја Морачанин од ДОМ. Отсутна беше опозицијата, но која на почетокот ги изнесе своите забекешки. Потоа, со 60 гласови за и 5 против, беше утврден дневниот ред, а претседателот на Собранието Талат Џафери потоа ја прекина седницата зашто, како што рече, треба да се закажат седниците на работните тела, односно комисиите кои ќе расправаат по законските решенија. 

Пратеникот Борислав Крмов од Левица побара седницата да биде прекината затоа што, како што рече, според собранискиот Деловник, материјалите за предлог-законите се даваат десет работни дена пред датумот на седницата. Според него, станува збор за „шверцерски обид“ на власта на брзина да се протнат такви законски измени кои ќе значат дополнителна експлоатација на Македонија, експлоатација на работниците и можност за збогатување и на фирмите изведувачи на автопатиштата и е отворен и сомнежот, како што нагласи, за корупција на поединци од власта.

„Ве повикувам пратгеници од владејачкото мнозинство кои сметате дека се прави грешка со овие законски проекти да излезете од салата, така ќе нема кворум за работа и законите нема да може да се донесат“, рече Крмов.

Претседателот на Собранието Талат Џафери го отфрли како неточно тврдењето на Крмов.за кршење на Деловникот.

Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски им забележа на пратениците кои стојат со свои потписи како предлагачи на осумте законски решенија, дека прават голема грешка.

„Се додека пратениците се потпишуваат на овие законски решенија, а не Владата која бега и на чуден начин се потргнува од одговорноста ќе провејува фактот дека сомнежите со желба за корумпирање, криминал и матни зделки ќе бидат дел од овој проект. Апелирам пратениците да не наседнуваат на вакви сомнителни проекти. Ако е ова најголема инестиција и инфраструктурен проект во државата, ќе се потпишеа од Владата, а немаше да бараат пратениците да ставаат свој потпис“, рече Мицевски.

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ процедурално истакна дека ова што се прави во Собранието е со единствена цел да се наштети на угледот на најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години во државата.

Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин потенцира дека нема дилема оти овие инфраструктурни проекти се потребни, во интерес на граѓаните и државата, но, таа побара овие закони да бидат повлечени од дневниот ред.

„Овие закони кои што се поднесени во скратена постапка и кои што навистина зафаќаат многу различни области од законската регулатива и од практичното функционирање во државата, и даваат големи привилегии за оние кои што ќе го изведуваат овој проект. Најмалку што можеме да направиме е овие закони и денеска да не се усвојува овој дневен ред и законите ако веќе има потреба да се пуштат   во нормална процедура“, рече Морачанин.

Координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција и еден од предлагачите, Арбер Адеми, одделно за секое законско решение излегуваше на говорница за да каже дека станува збор за решенија кои овозможуваат ефикасна изградба на коридорите и дека не станува збор за сложени законски измени.

Во однос на повлекувањето на измените на Законот за културно наследство, на тоа му претходеше протест на археолозите пред Собранието откаде ги предупредија пртениците дека со кревање рака за законските измени ќе озаконат неповратно уништување на културното наследство. Археолозите повикаа да не дозволат надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование искуство и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културно наследство да решава што е културно наследство.

Тие предупредија дека на трасата на коридорите 8 и 10 д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети и предупредија дека свесно уништување на културното наследство е кривично дело без преседан, а во овој случај се прави под закрила на државата.

Археолозите го повикаа претседателот на државата, МАНУ, универзитетите, сите засегнати институции, здруженија и граѓаните да се приклучат на апелот за повлекување на спорните законски измени пред да биде доцна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ