вторник, 21 јануари 2025

Законот за заштита на децата пак се враќа во Собрание

Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата повторно се враќа во собраниска процедура во рамки на денешната 31.седница, откако претходно претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за прогласување на Законот.

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците  го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.

Во  образложението на претседателката се наведува дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.

 

„Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот“, пишува во документот.

Во образложението, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.

Сиљановска-Давкова во изјава дадена на Божиќ рече дека ниту имала намера, ниту ќе употреби вето за  да навреди некој јазик.

„Објаснив дека не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и уште еднаш да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување. Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации. Јас само тргнав од еден ноторен уставен и правен факт дека најпрво во самиот закон има одредба во која се вели дека меѓу остантото начинот на полагањето и начинот на издавањето на лиценците се уредува со акти на министерот. Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преобмисли“, изјави тогаш Сиљановска-Давкова.

И од Владата најавија дека законот ќе биде доработен и повторно ќе биде испратен во Собранието во законските рокови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ