сабота, 27 јули 2024

Законот за игри на среќа пак на собраниска седница на 28 февруари

По одбивањето на претседателот на државата Стево Пендаровски да го потпише указот за измените во Законот за игри на среќа, пратениците за законот повторно ќе расправаат на 28 февруари.

Објавено на

часот

Сподели

Според Арбер Адеми, координаторот на пратеничката група на ДУИ, претседателот Пендаровски направил голема грешка кога не го потпишал указот на Законот за игри на среќа и забавните игри. Тој смета дека на третото читање на пленарната собраниска седница законот ќе биде усвоен.

Измените во овој закон во јавноста се препознати како проект на ДУИ во обид да воспостави нови правила и блиски луѓе на партијата да го преземат овој бизнис.

На 7 февруари овој закон беше прифатен по скратена постапка со „европско знаменце“. Пендаровски во образложението за непотпишувањето на указот се повика токму на злоупотребата на европското знаменце. Забелешки за несоодветна употреба на знаменцето имало и од Делегацијата на Европската Унија во земјава.

„На 28 февруари е предвидена седница во Собрание, тоа е следна недела каде точка на дневен ред е токму овој закон и очекувам дека пратениците ќе бидат на страна на граѓаните, како и на страната на Движењето антикоцкање. Доста е со казина и обложувалници во секое ќоше насекаде, речиси и во дворовите на училиштата. Јас само едно можам да ви кажам дека според правната рамка најдоцна во рок од 30 дена Собранието пак треба да се изјасни за предлог-законот. Веќе добиваме поддршка од сите пратеници и со апсолутно мнозинство, со 61 глас очекувам дека на трето читање ќе биде усвоен овој закон и така ќе го штитиме интересот на граѓаните“, изјави денеска Адеми.

Минатата недела Парламентот во Албанија ја укина четиригодишната забрана за обложувањето по реакција од Европската комисија поради масовна појава на коцкање на црно. Токму на ова, на префрлањето на обложувањето и игри на среќа во сива зона, на црно, цело време предупредуваат македонските асоцијации на спортските обложувалнци и на организаторите на игри на среќа.

Според членот 75 од Уставот, во кој е санкционирано правото на шефот на државата на суспензивно вето, доколку тој одлучи да не го потпише указот, Собранието повторно го разгледува законот и доколку тој биде усвоен со апсолутно мнозинство, односно ако за него гласаат мнозинство од вкупниот број пратеници – најмалку 61 – шефот на државата е должен да го потпише указот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ