Претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, која од денес па во наредните четири години ќе биде и претседател на Либералната мрежа на Југоисточна Европа, посочи дека во поглед на закочените евроитеграции на Македонија, ЛДП предлага уставните измени да се случат веднаш, но нивната примена да биде регулирана со уставен закон.
„Она што ние го предлагавме е широка интерпретација на заклучоците на Советот, во кои не стои децидна обврска уставните измени да стапат во сила веднаш. Тоа би значело, во фаза на носењето на уставниот закон, да се стави преодна одредба за негово стапување во сила. Овој предлог е резултат на широки консултации со нашите европски партнери и ги повикувам другите партии да го поддржат ваквото решение. Апелирам и за тоа да направиме Совет во кој, без разлика што имаме различни ставови по однос на секојдневните прашања, ќе имаме координација по однос на позициите на меѓународно ниво“, рече Зајкова.
Таа исто така го поздрави најновиот нон-пејпер подготвен од Словенија и Германија и рече дека тоа е идеја која од порано е предложена од либералите, односно дека меѓудржавните спорови и несогласувања не треба да влијаат на процесот на проширување.
Поздравувајќи ги високите гости од Европа и учесниците од името на македонската држава и Влада, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека денес сме тука да зборуваме за нашата заедничка иднина во Европа, за патот кој ја одредува не само иднината на нашата држава, туку и стабилноста, мирот и просперитетот на целиот регион.
„Македонија е држава која низ годините покажа дека е подготвена да ги преземе најтешките чекори за да го оствари својот стратешки приоритет – членството во Европската унија. Овој пат никогаш не бил лесен. Променивме име, усвоивме закони и имплементиравме реформи што претставуваат тест кој ниту една друга земја-кандидат не го имала. Но, и покрај сето тоа, ние не се откажуваме. Нашата посветеност кон европските вредности е јасна и силна. Веруваме во обединетоста и во демократијата“, рече Муцунски.
Дан Барна, европратеник и поранешен вицепремиер на Романија, ја истакна поддршката за ероинтеграциите на Македонија од либерлите и рече дека во време кога во рамките на Европа гледаме пораст на екстремистички и популистичи партии, многу е важно да се даде поддршка на младите генерации и оттаму го поздрави изборот на Зајкова за нов претседател на Либералната мрежа на ЈЕ. Тој ја пренесе и пораката од ЕК и ЕП за перспективите на земјите од Западен Балкан, посочувајќи дека проширувањето е високо во агендата на ЕУ.
Според Роман Јакич, поранешен министер за одбрана на Словенија, ситуацијата во која се ноѓаме во поглед на проширувањето е добра.
„Политичкиот момент кој, за жал довде до војната во Украина, доведе до тоа да стане уште поважна безбедноста во регионот и тој момент треба да се искористи. Ние либералите сме оптимисти особено што во рамките на ЕУ проширувањето го водат либерали – Каја Калас новиот висок претставник за надворешна и безбедносна политика и комесарот за проширување Марта Кос. Тоа дава надеж затоа што либералите отсекогаш беа за проширување и јас би сакал една од државите кои ќе влезат во ЕУ во наредниот период да биде токму Македонија“, заклучи Јакич.
Бернард Никај, професор и поранешен амбасадор во ЕУ на Косово, рече дека Косово и Македонија чекорат по истиот пат и изрази надеж дека двете земји ќе имаат поинтензивна соработка за да полесно да го исчекорат овој пат.
Либералните лидери, претставници од регионот и високи гости од Европската Унија на дводневната кнференција се согласија дека од ЕУ се очекува да испрати појасна политичка порака дека регионот е приоритет, преку конкретни чекори, што ќе помогне и да се намали разочарувањето кај граѓаните од регионот и ќе се зајакне довербата во европскиот проект. Исто така, дека е потребно зајакнување на европските вредности и единството, односно дека зачувувањето на демократијата, човековите права и владеењето на правото се основа на европската идеја, особено во време на политички, економски и социјални кризи.
Истовремено, зборувајќи за европската безбедност и одбраната, претставниците на либералните партии од регионот изразија загриженост за зголеменото вооружување и тензиите во регионот, но истовремено нагласија дека мирот и стабилноста мора да останат врвен приоритет.
Конференцијата „Quo Vadis Europa 2024? – Следни чекори во европската интеграција и проширувањето на ЕУ“ имаше за цел да поттикне отворена дискусија за иднината на Европската Унија и улогата на Западен Балкан во процесот на проширувањето.