Посетата беше „целосен политички и дипломатски неуспех на киевскиот режим“, се наведува во објавата на портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, која Зеленски го обвини дека „не е во состојба да покаже никакво чувство на одговорност“, дека „одбива мир“ и дека користи „лаги и манипулации за да го оправда продолжувањето на непријателствата и примањето воена и финансиска помош од Западот“.
„Зеленски со своето невидено непристојно однесување за време на престојот во Вашингтон потврди дека претставува најопасна закана за меѓународната заедница како неодговорен воен хушкач“, оцени Захарова.
Таа ги обвини европските лидери за „политичка слабост“ и „морална деградација“ за поддршката на Зеленски и покрај „моралната лекција“ која ја доби во Вашингтон. Захарова повтори дека руските цели во Украина „остануваат неизменети“, а тоа се „демилитаризација и денацификација“ на земјата и „признавање на реалноста на теренот“.
Русија од Киев бара да се откаже од четирите окупирани региони на југот и истокот со Крим, црноморскиот полуостров кој го окупираше во 2014, и да се откаже од влез во НАТО, што власта во Киев не го прифаќа.
Вчерашната посета на Зеленски на Белата куќа се претвори во вербален конфликт откако американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс го обвинија украинскиот претседателот дека не ја цени американската помош и дека одбива мировни преговори.
Кавгата резултираше со рано заминување на Зеленски од Белата куќа со непотпишан договор за минералите поради кој украинскиот претседател и допатува во Вашингтон.