сабота, 19 октомври 2024

Захарова: Изборите во Австрија покажаа дека гласачите се уморни од политиката на поддршка на Киев

Изборите во Австрија покажаа дека гласачите се уморни од владината политика на безусловна поддршка на режимот во Киев и учеството во антируските санкции, оцени портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Триумфот на Слободарската партија (ФПО), кои за првпат го заземаа првото место на изборите, во голема мера го одразува заморот на гласачите од курсот на австриската влада, во рамки на дисциплината на Европската Унија, на безусловна поддршка на режимот во Киев и учеството во антируските санкции“, кажа Захарова на брифинг на новинарите.

Таа истакна дека Австријците се сеќаваат на времето кога добивале фантастични бонуси од интеракцијата со Русија и дека не разбираат зошто би се откажале од тоа. „Вистината почнува да се пробива, тие разбираат што се случува, така што сите овие трендови ќе продолжат да добиваат замав“, кажа Захарова.

Нејзината изјава следи во момент кога претседателот на Австрија Александер ван дер Белен апелираше до сите партии во парламентот да избегнуваат конфронтација и да бараат компромиси во преговорите за идната коалиција.

Евроскептичната партија која е наклонета кон Русија влезе во историјата победувајќи на парламентарните избори за првпат откако е основана во 1950-тите, но потребен ѝ е коалициски партнер за управување со државата, а другите партии соопштија дека не се заинтересирани за коалиција со нив.

Според прелиминарните резултати ФПО победи на парламентарните избори со 29,2 отсто од гласовите и може да добие 58 од 183 места. Австриската народна партија на канцеларот Карл Нехамер го зазема второто место со 26,5 отсто од гласовите и може да добие 52 места.

На третото место е Социјалдемократската партија на Австрија со 21 отсто од гласовите, и може да има 41 пратеник во парламентот.

Имајќи предвид дека ниедна партија не доби повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе мора да се договара коалиција, што може да потрае неколку недели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ