Ката Апостолова, од иницијативниот одбор на неготинските пензионери изјави дека кога пензионерите, тргнати кон Скопје за да протестираат за повисоки пензии, застанале на пауза заради потреба од тоалет, несреќниот пензионер, најверојатно по грешка, наместо десно, трнал лево.
„За жал, точно е, да. Одејќи кон Скопје, дел од нас побараа пауза за тоалет. Застанавме на голем паркинг пред Катланово. Како беше, што беше, изгледа по грешка, мало невнимание, наместо како сите десно, тој тргнал лево и беше удрен од возило на автопатот. Дојдоа брза помош, полиција, обвинител, на лице место беше констатирана смрт. Телото на човекот беше однесено од погребална служба, а ние другите се враќаме назад“, рече Апостолова за МИА, нагласувајќи дека сите пензионери се вознемирени по настанот.
СВР Велес ја потврди несреќата и информира дека пензионерот имал 77 години.
„Денеска во 9.50 часот во СВР Велес било пријавено дека на автопатот Велес – Скопје, кај зимски пункт Македонија, патничко возило фолксваген голф со романски национални ознаки, управувано од Д.С.Ц.(41) од Романија, удрило во пешакот Д.С.(77) од Неготино. Од здобиените повреди пешакот Д.С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Велес“, соопштија од велешката полиција.
Еден автобус пензионери од Неготино денеска тргнал на протестот на пензионерите од цела Македонија што се одржа во Скопје.