понеделник, 28 октомври 2024

Загадувањето во Кичево и Струмица алармантно, издадени препораки како да се делува

Во Кичево и Струмица е надминат прагот на аерозагадување бидејќи два дена мерните станици покажуваат високи концентрации на ПМ10 честички повеќе од дозволеното, соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Објавено на

часот

Сподели

Од МЖСПП наведуваат дека согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, надминат е прагот на аерозагадување во Кичево и во Струмица. 

„Завчера во Струмица се измерени 185.32, а вчера 206.12 микрограми на метар кубен. Во Кичево завчера се измерени 152.26, а вчера 179.96 микрограми на метар кубен. Поради ова МЖСПП во соработка со Министерството за здравство за Струмица препорачува работодавачите да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Им се препорачува на сите работодавачи да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено,  да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба“, велат од МЖСПП.

Од МЖСПП наведуваат дека Владата треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила и да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти/ 

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа (ЕЛС) потребно е да обезбедат прифатилишта за  сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети. 

Министерството за здравство, како што се наведува, треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за број на повици, за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сѐ до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Од МЖСПП информираат дека ќе подготват и достават Препорака до инсталациите кои поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство до 50 отсто со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

„ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините“, пишува во соопштението од МЖСПП. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ