Оваа истрага на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК) следува откако Бојан Јовановски познат како Боки 13 поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје уште во февруари 2023 година, кривични пријави кои сега се дел од истрагата на ОЈО ГОКК.
Како што објасни Јовановски на прес конференција, тој на распитот денеска изнел дел од своите сознанија против политичарите и правосудните функционери за кои поднесе кривични пријави, а дел од доказите кои ги поседувал ќе му ги предаде на Обвинителството по писмен пат.
„Сите мои сознанија ќе бидат материјализирани со докази кои потекнуваат од мојот телефон кој што ми беше одземен при апсењето во случајот Рекет. Станува збор за повеќе кривични дела, злоупотреба на службената положба, злоупотреба на јавни набавки, изборни нерегуларности, незаконско финансирање политичка партија. Освен за злоупотреба на службената положба, обвинителката Вилма Русковска е пријавена и за тортура и примање поткуп“, кажа Јовановски.
Тој рече дека станува збор за сторени кривични дела од страна на посочените функционери кои се јавна тајна во Македонија, но кои досега формално-правно не биле пријавени. Тој најави дека ќе поднесе и нови кривични пријави, но не откри против кого.