вторник, 22 октомври 2024

Заев и Ципрас со заедничка статија: Новото раководство на Северна Македонија го крши Преспанскиот договор

„Новото раководство на Северна Македонија ги крши словото и духот на Преспа“, порачаа поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во заедничката статија што ја објавија во пресрет на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во коорганизација на Институтот „Алексис Ципрас“ и Фондацијата „Зоран Заев“, што е најавена за 17 и 18 јуни во Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Двајцата поранешни премиери на Македонија и Грција кои го постигнаа договорот, го потпишаа и промовираа Преспанскиот договор ги повикуваат ЕУ и меѓународната заедница јасно да му стават на знаење на новото раководство на „соседната земја“, како што е наведено во објавата на Прототема, дека почитувањето на Договорот е единствениот пат до европскиот пристапен процес.

Во текстот потпишан од Ципрас и Заев пишува:

„Речиси 30 години, по падот на Берлинскиот ѕид и насилното распаѓање на Југославија, нашите две земји беа поделени поради ‘номенклатурата’, која не само што го попречуваше развојот на односите меѓу народите, но и ја ослабе регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.

Европскиот совет во Солун во 2003 година за прв пат ја потврди европската перспектива на регионот. Сепак, до 2014 година овој моментум беше изгубен и процесот на проширување беше официјално замрзнат пет години. Влијанието и улогата на ЕУ во регионот еродираа, оставајќи простор за активирање на опасните државни и недржавни актери со опасни агенди. Во овој политички вакуум, земјите од регионот се повикани да се справат со најтешката бегалска криза од Втората светска војна, со повеќе од 1,1 милион луѓе кои ја минуваат балканската рута, додека се справуваат со една по друга политичка криза.

Кога првпат се сретнавме во Давос во јануари 2018 година, се согласивме за неколку фундаментални точки: Дека оваа ситуација не може да продолжи. Дека нашиот народ и регионот заслужуваат подобро отколку да бидат заробени подлабоко во магичниот круг на нестабилност и национализам. Дека нашата цел нема да биде да се преправаме дека преговараме, па потоа да не успееме и, да бараме победа во игра на меѓусебни обвинувања, како што такво нешто видовме кај други. Решивме дека нашите преговарачи нема да ја напуштат просторијата додека не најдеме заемно прифатливо решение, без разлика на политичката цена што ќе треба да ја поднесеме самите ние.

Врз ваква основа, ги задолживме нашите министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров да отпочнат преговори. Очекувано, се соочивме со силни реакции од конзервативната опозиција во нашите земји – актуелниот премиер на Грција, Киријакос Мицотакис и победникот на неодамнешните избори во Северна Македонија, Христијан Мицкоски.


Сепак, постигнавме договор кој се засноваше на взаемно почитување на нашите национални позиции, ги постави темелите за градење стратегиски односи меѓу нашите земји и беше поздравен во Европа и пошироко како најважна и најуспешна дипломатска мировна иницијатива забележана во годините наназад.

Договорот даде нов поттик на европската перспектива на Западен Балкан, ја врати улогата на ЕУ во регионот и ја истакна важноста на трансатлантската соработка во промовирањето на мирот и стабилноста. Понатаму, тој ја истакна клучната улога што ОН може да ја имаат во решавањето на конфликтот, особено затоа што Договорот беше формално признаен од сите членки на Советот за безбедност на ОН. Пред сè, докажа дека и кога е тежок товарот на историјата, дека таму каде што има волја, постои и перспектива за решение. Местото Преспа – некогаш регион растргнат од најжестоката граѓанска војна во Европа пред Студената војна, која протера илјадници луѓе од своите домови како бегалци пред 75 години – денес е симбол на мирот – а не на конфликтот. Како симбол на надеж наместо болка.

Сепак, во последните шест години не ги видовме случувањата на кои се надевавме. Европскиот пристапен процес на Северна Македонија беше замрзнат, прво од Франција, а во последните години и од Бугарија. Тензиите во Косово се зголемуваат бидејќи бриселскиот процес заглавува, а реториката во Босна и Херцеговина станува сè поагресивна. Импулсот на проширување во Западен Балкан е изложен на висок ризик и се чини дека не добива на интензитет, дури и со одлуката да се отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија или да ѝ се даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина. Се повеќе млади луѓе мигрираат од Западен Балкан, разочарани не само од нивните лидери, туку и од неспособноста или неподготвеноста на ЕУ да ги исполни своите ветувања.

Во период на зголемена глобална конкуренција, регионална нестабилност и конфликт, Европа мора да преземе водечка улога како сила која активно ги поддржува мирот и стабилноста врз основа на меѓународното право, секаде каде што тие се под закана. Сепак, таа може да стане силна меѓународна дипломатска сила само ако најпрво е кредибилна во сопственото соседство“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ