сабота, 27 јули 2024
Средба на ДПМ и МАЕИ

Заедно сме посилни, рекоа во Панчево лидерите на партиите на Македонците во Србија и во Албанија

Лидерите на партиите на Македонците во Србија и во Албанија, Маја Георгиевска и Васил Стерјовски на средба во Панчево, во името на делегациите на Демократската партија на Македонците во Србија и едиствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) договорија соработка. Заедно сме посилни, рекоа тие и нагласија дека во план се средби и културни манифестации во Панчево и во Пустец најмалку еднаш годишно.

Објавено на

часот

Сподели

Делегациите размениле информации за положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија и во Србија. Договорена е соработка, координација и размена на искуства и информации во работата на двете партии. Исто така бил договорен заеднички настап пред меѓународните организации за човековите права и слободи.

„Двете партии повикаа на семакедонско помирување и обединување заради одбрана на името на државата Македонија, идентитетот на македонскиот народ, правата и слободите на Македонците во соседните земји на Република Македонија и на Македонците во светот“, наведува весникот Македониум, повикувајќи се на изјава на Стерјовски.

Во рамки на работна посета на Србија, делегацијата на МАЕИ остварила  средба и со претставници на Националниот совет на Македонците во Србија,  предводена од претседателката Зорица Митровиќ. И на оваа средба разгледани биле можностите за соработка помеѓу Македонците во Албанија и Македонците во Србија.

Како што претходно објави Стерјовски придружуван од Митровиќ, тој положил свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во дворот на основното училиште во Јабука, кое го носи неговото име.

„Имав чест да ги посетам Панчево и Јабука, каде што се сретнав со претставниците на Националниот совет на Македонците во Република Србија и со Демократската партија на Македонците. На овие средби имав можност да се запознаам со положбата и правата на нашите Македонци во Србија и со предизвиците со кои се соочуваат.
Од срце им благодарам на Македонците во Србија за топлиот пречек и гостопримство. Заедно сме посилни!“, објави Стерјовски на својот фејсбук-профил.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ