Делегациите размениле информации за положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија и во Србија. Договорена е соработка, координација и размена на искуства и информации во работата на двете партии. Исто така бил договорен заеднички настап пред меѓународните организации за човековите права и слободи.
„Двете партии повикаа на семакедонско помирување и обединување заради одбрана на името на државата Македонија, идентитетот на македонскиот народ, правата и слободите на Македонците во соседните земји на Република Македонија и на Македонците во светот“, наведува весникот Македониум, повикувајќи се на изјава на Стерјовски.
Во рамки на работна посета на Србија, делегацијата на МАЕИ остварила средба и со претставници на Националниот совет на Македонците во Србија, предводена од претседателката Зорица Митровиќ. И на оваа средба разгледани биле можностите за соработка помеѓу Македонците во Албанија и Македонците во Србија.
Како што претходно објави Стерјовски придружуван од Митровиќ, тој положил свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во дворот на основното училиште во Јабука, кое го носи неговото име.