Од 22 вакви објекти, за кои вчера беше соопштено дека имаат активни лиценци, инспекцијата кај 12 ги проверувала техничките услови, при што е утврдено дека трите објекти не ги исполнуваат. Продолжува теренската контрола на Пазарниот инспекторат за техничката контрола и на останатите десетина објекти кои поседуваат лиценца.
Новите сознанија од терен денеска на прес-конференција ги соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа информираше дека веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата за трите објекти, забрана за вршење дејност и, како што рече, „сите казнени одредби кои се возможни согласно закон, ќе бидат преземени“.
„Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни. Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За останатите девет е сè уште во тек проверката на документацијата и во текот на денот дополнително ќе информираме“, рече Митева.
Портпаролката на Владара посочи дека теренските проверки продолжуваат денеска и утре, што ги вршат повеќе од десет тима.