четврток, 29 февруари 2024
Реакции на државниот врв по писмото на амбасадорката Агелер

Забелешките за правосудството на Агелер е работа за судовите

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Самит Македонија2025, Ковачевски рече дека „мора да се разграничи дека во државата има поделба на власта на извршна – Владата, законодавна – Собранието и судска власт –правосудните органи и дека писмото се однесува на правосудството.

На прашањето дали тоа значи дека писмото е пратено на погрешна адреса, одговори дека е „пратено секаде каде што е потребно“ и дека Владата стои на располагање за унапредување на законите, обезбедува услови за функционирање на судовите – во делот на буџетот, во предлагање законски решенија за унапредување на судската пракса итн. Но дека низа предлог-закони во Собранието се блокирани од опозицијата.

По донесениот нов Кривичен законик пред неколку месеци,  подготвен е, рече, и нов закон за Судската академија, нови закони се подготвени за ренумерација на судии и обвинители.

„Но голем број од нив се блокирани во Собранието и тоа е прашање за опозицијата, а не за мене, бидејќи опозицијата ги блокира и мора да ги каже причините поради кои ги блокира, платите на судиите, реформа на Судската академија, тоа е сѐ блокирано во Собранието“, изјави Ковачевски.

Посочи и дека во време на кризна година Владата во ниту еден момент, како што рече, не ги намалила финансиите за правосудството со кои подоцна самите управуваат со нив, а и капиталните инвестиции се на ниво на предвиденото.

„Дел од судниците се дигитализираат, првата е веќе пуштена во употреба, веќе функционира и дел од системот за интероперабилност меѓу институциите, со оглед дека по електронски пат се забрзува комуникацијата на судовите со институциите со кои најмногу разменуваат информации. Се е тоа што Владата може да го направи во делот на унапредување на судството. Но, она што дополнително треба да се направи е повеќе да се вклучи Собранието, политичките партии, во делот на комуникација со судовите, зашто и по Устав, и по закон, судиите, членовите на Судскиот совет се избираат во  Собранието“, рече премиерот.

 Смета дека треба да се воведат подетални, мерливи показатели на секој поединец од правосудната фела бидејќи, како што рече, „не би генерализирал дали нешто комплетно не функционира или комплетно функционира“.

„Сепак, се работи за систем во кој постојат поединци од кои дел, веројатно, добро ја извршуваат својата работа, дел помалку добро, дел треба да го унапредат своето работење, а дел треба да бидат освежени со нов кадар. Но, сепак, тоа не е во ингеренции на Владата. Тоа што е во надлежност на Владата ние секојдневно го правиме на многу транспарентен начин“, додаде Ковачевски.

Шефот на државата Стево Пендаровски денеска изјави оти претпоставува дека писмото на американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер од 11 април до судските и извршните органи е во фонот на она што амбасадорката го говори веќе неколку месеци наназад. Тој лично, како што рече, такво писмо не добил и затоа не може да говори во детали.

„Во однос на писмото, кое се спомена во медиумите и кое Американската амбасада и амбасадорката го има пратено до нашите институции,  можам да коментирам само врз основа на медиските написи кои сум ги видел. Претпоставувам дека станува збор за опис на состојбите и критиките на состојбите во делот на правосудството, во фонот на она што американската амбасадорка го зборува неколку месеци назад. Меѓутоа не можам да зборувам во детали, затоа што такво писмо до мене не е доставено“, рече Пендаровски денеска одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу.  

Американската амбасадорка Агелер на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост поради одлуката на Апелациониот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

Во писмото Агелер ги истакнуваат напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството. 

„Секој ден сѐ повеќе сум загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, наведува амбасадорката Агелер во писмото.

Од Министерството за правда за Дојче веле вчера потврдија дека на адреса на ресорниот министер Кренар Лога „стигнал допис во однос на работата на апелационите судови, кој што дополнително ќе се анализира“.

Покрај до министерот за правда Лога, писмото било испратено и до шефот на дипломатијата Бујар Османи, до Врховниот суд, Апелациониот суд – Скопје и до неколку основни судови.

Од Апелацискиот суд Скопје, пак вчера излегоа со соопштение во кое се пожалија на намалениот кадар, но тврдат дека и со толкав број вработени работат ефикасно и професионално.

„По сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес да се постапува ефикасно и ажурно, во согласност со законите, како и Судскиот деловник, почитувајќи го редот на приемот на предметите со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и примена на законите и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил“, ги пренесува судот заклучоците од седницата на судии, на која се разгледало и се дискутирало прашањето по сите видови предмети по кои судот постапува, вклучително и предметите од висок профил и од висок јавен интерес, со акцент на зголемување на ажурноста во постапувањето на истите, а притоа имајќи ја предвид моменталната состојба и намалениот број на носители на судиска функција во судот.

Во моментот Апелацискиот суд Скопје постапува со намален број носители на судска функција и тоа 28 судии, од предвидените 52 судии.

„Ажурното постапување по сите видови предмети, вклучително и оние од висок јавен интерес, во голема мера зависи од пополнетоста на судиските места и само како напомена дека во апелациониот суд Скопје во Кривичниот оддел на судот се распоредени шест судии кои постапуваат по овој вид предмети“, наведоа вчера од овој суд.

Апелацискиот суд – Скопје изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од нив се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за случаите „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“, како и за првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ