Пред присутните на Академијата, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Владата и на Собранието на Република Македонија, на дипломатскиот кор, сопартијци, симпатизери и поддржувачи на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Димитриевски нагласи дека ЗНАМ не е во Владата за неколку фотелји.
„Ние сме во Владата да преземеме одговорност, да бидеме фактор на стабилност, да креираме свои политики, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да изградиме законска и безбедна држава, да изградиме вистински соживот, да обезбедиме правда, да направиме реформи и да обезбедиме идните поколенија да останат тука, на оваа грутка земја, затоа што без нашите деца Македонија ја нема. Како дел од Владата побаравме и добивме одговорни и можеби најтешки ресори. Но, како и досега храбро се фативме во костец со затекнатите проблеми, и како што не личи нас од „ЗНАМ“ решително се справуваме со истите“, рече Димитриевски, додавајќи дека за ЗНАМ, зборот е збор, а испорачаниот резултат е императив.
Направивме нешто што досега никому не успеало, посочи тој и истакна дека почетоците биле скромни, со мала група ентиузијасти, верувајќи дека на Македонија и е потребно нешто ново, нешто поразлично, стабилно, кое ќе се залага исклучиво за почитување на закон и заштита на државните интереси.
Се осврна на претседателските и на парламентарните избори, кога ЗНАМ ја доби соодветната поддршка и освои шест пратенички места во Собранието.
Димитриевски истакна дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е најбрзорастечката сила на политичката сцена во државата, во која членуваат граѓани од различна политичка провиниенција и идеологија, од различна етничка и верска припадност, но, рече, со јасна определба за Македонија како слободна и демократска држава во која има место за сите кои сакаат да дадат свој придонес за развојот на Македонија. За неполна година основани се над 40 општински организации, а крајна цел е ЗНАМ да биде присутна во цела Македонија.
Претседателот на партијата ги реафирмираше петте главни столба, кои беа и основните принципи, но и визија за влез на Движење ЗНАМ – За наша Македонија во Владата на Република Македонија. Тоа се: интеграција на Република Македонија во Европската Унија, Република Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на асномските вредности, Република Македонија како самоодржлива држава, Република Македонија како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал и стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава.
„Сакам да нагласам дека за нас е важно секој што живее тука, секој граѓанин на Република Македонија, да ги почитува симболите на државата – знамето, химната, грбот, јазикот и да работи за доброто на државата и на сите нас заедно. Не може и не смее да се дозволи во Република Македонија, Македонците, како народ кој ја основал оваа држава, во неа да се чувствуваат како граѓани од втор ред. Ние ја подаваме раката кон сите што живеат во Македонија, зашто само заедно и обединети можеме да одиме напред“, рече во обраќањето Димитриевски.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, истакна Димитриевски, е јасно определено дека членството во Европската унија е единствената алтернатива за која се залагаме.
„Тоа е единствена опција. Но, ние, како македонски народ ниту можеме, ниту пак смееме да се откажеме од македонските национални интереси. На патот кон Европа мораме да го зачуваме достоинството и самобитноста. Таму сакаме да влеземе со високо крената глава, како и сите други, согласно копенхашките принципи и критериуми“, беше дециден лидерот на партијата.
Потсети дека ЗНАМ први го промовираа ставот дека уставни промени може да има, но со одложено дејство.
„Или, да преведам, гаранции за нашиот идентитет, јазик, историја, култура, мора да има, рече Димитриевски и порача дека додека го чекориме нашиот пат кон Европската унија, мора да се посветиме на себе си, да си го средиме сопствениот двор, да ги изградиме столбовите на нашата куќа, нашата Македонија“, рече Димитриевски.
Претседателот на ЗНАМ во обраќањето ги потенцираше и односите со Соединетите Американски Држави.
„Тие помогнаа во формирањето на македонската држава и покажаа дека, како наши пријатели во многу критични моменти за нашата држава можевме да сметаме на нивната помош во решавањето на проблемите со кои се соочуваме, особено во меѓуетничките и меѓународните односи. Тие за нас беа тука кога се пишуваше и Охридскиот рамковен договор. Во оваа прилика би сакал да истакнам дека за нас од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Охридскиот рамковен договор е целосно реализиран, исполнет и исцрпен“, рече Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ изрази надеж дека соработката со САД ќе продолжи со зголемен интензитет и дека ќе придонесе односите да бидат на највисоко ниво.