четврток, 26 декември 2024

За Законот за јазиците 250 потписници од албанската академска заедница упатија писмо до уставните судии

Над 250 потписници, меѓу кои и универзитетски професори од албанската академска заедница, се потпишани на писмо до Уставниот суд во пресрет на седницата в среда на која ќе се расправа за уставноста на Законот за употреба јазиците.

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу другото, потписниците им се обраќаат на уставните судии дека се сомневаат оти тие ќе бидат соучесници во политички мотивиран процес.

„Од она што сме имале можност да го слушнеме од вас, почитувани судии, како и од некои високи политички претставници (како на пример, изјавите на премиерот Мицкоски, кој тврди дека ќе се укинат само два-три члена од Законот), имаме причина да се сомневаме дека можете да станете учесници во остварување сценарио со политички мотиви, кое го има за цел токму она што отворено се декларира на највисоко државно ниво. Со оглед на уставната позиција и улогата што вие ја имате како претставници на највисоката правна институција, која според Уставот е независна и без политички влијанија, продолжуваме да се надеваме дека нема да дозволите остварување на вакви сценарија кои ги повредуваат чувствата на секој албански државјанин. Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате и од која се очекува да носи одлуки самостојно, според сопствени убедувања, врз основа на Уставот и законите, а не според политички влијанија, од која било страна да доаѓале тие“, се вели во писмото.

Според нив, правниот акт од 2019 година за статусот на албанскиот јазик нуди гаранција за еднаквост, лојалност и меѓусебно почитување на граѓаните кон РСМ како држава.

Потписниците на писмото потенцираат дека досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи.

„Доволно е да се потсетиме на пресудите на Уставниот суд од 1997 година, кои доведоа до насилна државна интервенција во општините предводени од легитимно избраните албански градоначалници. Тоа доведе до трагичните настани во Гостивар, каде имаше и човечки жртви. Вашата совест и вашиот професионализам не треба да дозволуваат вашите одлуки да бидат поттикнувачи на незадоволство или повторување на последиците и пресудите со политички мотиви, како оние што ги споменавме погоре. Не треба да се заборави и пресудата од 2007 година, која доведе до оставка на претседателот и еден од албанските членови на Уставниот суд“, стои во писмото.

Тие тврдат дека секој тренд што има за цел дури и на софистициран начин да го промени карактерот на државата и правилното застапување да го претвори на само зборови на хартија ја поткопува меѓуетничката кохезија и ја загрозува меѓусебната доверба.

„Сакаме да веруваме и да се надеваме дека вашата морална и професионална совест нема да го дозволи загрозувањето на уставните вредности и ќе покаже доволна чувствителност кон веќе стекнатиот статус на јазикот на втората етничка заедница во државата, албанскиот јазик“, се вели во продолжение на писмото.

Меѓу потписниците на ова писмо се и Ректорите на три универзитети на албански јазик: проф. Др. Абдулменаф Беџети – УЈИЕ, проф. Др. Јусуф Зејнели – Универзитет во Тетово, проф. Др. Изет Зеќири – Универзитет Мајка Тереза. Исто така, меѓу потписниците има познати професори и актуелни декани на повеќе факултети, меѓу нив го издвојуваме и познатиот лингвист проф. Др. Агим Винца, потоа професорите: Агни Дика, Нури Беџети, Абдула Алиу, Аслан Билали, Сафет Емрули. , Ќебир Авзиу, Јетон Шасивари, Фатмире Лумани, Мерсим Максути, Арта Билали, Фадил Зендели, Башким Зибери, Муамет Шехаби, Кенан Ферати, Етем Исени, Ружди Матоши, Фати Исеини.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ