Најголем дел од посетителите, според него, ќе бидат гостите од земјава и од соседството.
„Исполнетоста на хотелите за празничниот викенд ќе биде 50 до 60 проценти. Додека приватните сместувачки капацитети ќе бидат поисполнети. Тука се и викенд становите на граѓани од внатрешноста, што Велигденските празници ќе ги поминат во Охрид и Струга“, изјави Блажески за МИА.
Поголема исполнетост на сместувачките капацитети се очекува и викендот потоа, за празникот Рамазан Бајрам, кога покрај од земјава и соседството се очекуваат гости и од така наречените кружни тури.
Туристичката сезона на охридско-струшкото крајбрежје официјално почнува од 1 мај, а кон средината на месецот се очекуваат првите чартер летови со туристи од Холандија, кои и годинава ќе да бидат најбројни. Покрај холанѓаните се очекуваат чартери и од Полска, Турција, Србија и други традиционални пазари, како и воспоставување нови авио линии.
Српските туристи се многу заинтересирани за патување во странство за време на претстојните велигденски и првомајски празници, а според директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија ЈУТА, Александар Сеничиќ, овој интерес е уште поголем отколку во годините пред ковид, при што српските граѓани повеќето планираат да патуваат во европските земји, но и во Охрид и Скопје.
Сеничиќ додаде дека за туристите од Србија најинтересни се градовите во Македонија, Охрид и Скопје, кои ги посетуваат или во комбинирани тури или самиот Охрид, како и Црна Гора.