понеделник, 4 март 2024

За Судскиот совет претседателката на Врховен покажала професионална некултура, за Адеми случувањата во Советот се демотивирачки

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот од расправата, која се одржа со присуство на поголем број медиуми и стручна јавност, подносителот на барањето, членот на Судски совет Миљазим Мустафа, се произнесе по однос на наводите во барањето и ги образложи двете точки по однос на кои има иницијатива за утврдување одговорност на Адеми.

„Во период од 22.3.2023 година до 3.10.2023 година Беса Адеми во својство на претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија, која е член на Судскиот совет на РСМ, постапила спротивно на член 43 став 2 во врска со став 1, алинеја 2 од Законот за судски совет на Република Северна Македонија, на начин што и покрај тоа што е должна да учествува на седниците и работата на советот, истата отсуствувала од седниците во континуитет во наведениот период и тоа на 442 па сѐ до 462 седница, вкупно на 21 седница на Судскиот совет“, образложи Мустафа.

Како што дополни, и покрај тоа што непосредно пред почетокот на некоја од седниците има доставено известување за неприсуство, истото е без поткрепа со доказ за отсуство со што, како што рече, не ги извршувала законските обврски.

„Со опишаните дејствија, судијката Беса Адеми, претседател на Врховен суд, која е член на Судски совет на Македонија во наведениот период, со неприсуство на седниците оневозможи континуирано, активно и ефективно преземање мерки на Судскиот совет со цел остварување на неговите функции во насока на обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции“, дополни тој.

Како втор момент на утврдување на одговорност, тој го посочи интервјуто на претседателката Беса Адеми во кое таа зборува за притисоци врз врховните судии, за што, како што посочи, била повикана на средба, на која не се појавила.

„На 6.11.2023 претседатеката Беса Адеми и член на Судскиот совет на РСМ по функција, постапила спротивно на член 43 став 2 во врска со став 1 алинеја 1 од законот за Судски совет на РСМ на начин што по претходно телефонски известување од претседателот на судскиот совет на РСМ, на 3.11.2023 и писмено доставено за работна средба на 6.11.2023, заради разгледување на, од нејзина страна преку медиумите изнесено за политички притисок врз врховните судии во врска со одлучување по аболицијата на поранешниот претседател на РСМ, истата не дојде на работата средба, а своето отсуство го најави со писмен допис непосредно пред терминот на закажаната средба“, образложи тој.

Со ваквото однесување и постапување, како што рече, „не само што го попречи и оневозможи Судскиот совет во остварување на основната цел, а тоа е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно со уставот и законите, туку им покажа професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамките на правосудниот систем“, а тоа, како што посочи придонесува за намалување на довербата на граѓаните во судството, со што постапила спротивно на член 43 од Законот на судски совет на РСМ и со тоа ги пречекорила и повредила законските овластувања.

Според претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, токму исходот на оваа постапка ќе ја одреди иднината на нашето судство во Република Северна Македонија.

Нејзината бранителка, адвокатката Павлина Зефиќ, ги образложи наводите од одговорот на барањето при што како прв аргумент го посочи извештајот на Оценската мисија на Европската Унија која го опфаќа периодот на кој се однесува барањето.

„Со оглед дека истиот не е достапен до јавноста, а по претходно писмено барање на експертите од ЕУ, добивме дозвола да користиме само два параграфи од истиот кои се на линија на нашата одбрана дека наводите на барањето се неосновани“, рече таа, образложувајќи дека таму е препорачано претседателот на Врховниот суд повеќе да не биде дел од Судскиот совет за да се обезбеди внатрешна независност на судството.

Таа посочи дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, не присуствувале на седниците по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет, и тоа, како што рече, не е прекршување на законот.

„Доколку министерот за правда и претседателот на врховниот суд не се членови на Судскиот совет, треба да се обезбедат механизми за координација меѓу овие три институции, со цел да се обезбеди комуникација и соработка. Тоа може да се направи на месечен начин, преку неформални состаноци. Важно е записниците од овие состаноци да бидат достапни на јавноста, со цел да се обезбеди транспарентност“, рече таа.

Посочи дека е право на член на Судски совет да учествува во работата на Советот без да се дефинира што претставува учество.

„Ако ја погледнеме содржината на барањето ќе се забележи дека учеството на членовите на Судскиот совет во неговата работа се поистоветува со физичко присуство на седниците, што не треба да биде така. Видно од записниците може да заклучиме дека не секој член кој што физички присуствал на наведените седници, учествувал по точките од дневниот ред и давал предлози“, рече таа, дополнувајќи дека е спорно да се смета дека учество за работа на судскиот совет е физичко присуство на седница.

Дополнително, како аргумент го посочија и тоа што не постои специфична одредба на колку седници член на судски совет може да отсуствува, како би можело да се зборува за пречекорување и прекршување на овластувања.

Таа потенцираше дека Судскиот совет мора да има предвид дека Адеми е менаџер и раководи со највисокиот суд.

„Не можеме да се согласиме со констатацијата дека не учествувала на седниците на Советот, бидејќи остварувате континуирана соработка, таа ве известува за работата на Врховен суд, доставува извештаи и материјали во поглед на остварување на нејзините функции. Ве информира за состојбите во правосудството, а особено во состојбите во највисокиот суд во државата“, рече таа.

Неприсуствого, како што рече, не било нужно за кворум за работа, и посочи дека
само за три седници на Судскиот совет претседателката е канета во законскиот рок.

„Не можеме да се согласиме со констатацијата дека неоправдано отсуствувала од седниците. Од содржината на седниците, во голем дел од нив постои констатација и наслов над името на претседателката, оправдано отсуство, само во мал дел од записниците стои отсуство“, рече таа.

Одбраната приговараше и на дел од записниците кои што се доставени како доказ, затоа што, како што наведе бранителката, истите не биле усвоени од Судскиот совет во моментот на доставување на барањето, односно се усвоени подоцна.

Во однос на втората точка од барањето за воведување одговорност, во врска со изјавата на претседателката за притисоците на судиите, и во врска со барањето за средба на претседателот на Судски совет, таа образложи дека не се оставило доволно простор за средбата.

„Претседателка е телефонски побарана од претседателот на Судски совет со барање да се оствари средба. Телефонски го известува дека поради краткиот рок на известување, петок наспроти понеделник, нема да биде во можност да присуствува на средбата, но наведува дека е пожелно при средбата да се разговара и за напредокот на нашата држава од страна на ЕУ, кој што беше предвидено да се обзнани на 8.11.2023“, образложи Зефиќ.

Според ова, како што кажа, не можеме да се согласиме со констатацијата во барањето дека станува збор за игнорантски однос на претседателката на Врховниот суд кон Судски совет бидејќи истата оставила простор да се оствари средбата.

„За жал подносителот на барањето не оставил простор за таа средба бидејќи ден подоцна го поднесува барање за утврдување одговорност“, рече таа.

Средбата која ја побарал претседателот, според нив, не е институционализирана форма.
Причина за поведување на барање за одговорност за нејзините написи во медиумите за притисоците во правосудството, ги проблематизираа од аспект на повреда на слобода на изразување, бидејќи, според нив, претседателката со нејзиното интервју го остварува нејзиното уставно право.

Потоа бранителката се осврна на неколку случаи на Европското суд за човекови права каде што се утврдува повреда на слободата на изразување и побара постапката да заврши со запирање.

„Само на овој начин ќе се зачува угледот и дигнитетот на претседателката на Врховниот суд, а истото ќе биде позитивно гледано и за угледот и авторитетот на Судскиот совет како тело, кое што е гарант за независноста на судството“, рече таа.

Потоа членот Миљазим Мустафа се осврна на повеќе наводи во одговорот на одбраната на Адеми и посочи дека во нив има повеќе контрадикторности и, како што кажа, се само оправдувања.

„Во одговорот има повеќе контрадикторности во кои јасно се гледа дека единствена намера е да го оправда своето неодаѓање и неприсуство на седницата“, рече тој.

Мустафа се осврна подробно на секој од одговорите и упати директни прашања до претседателката Адеми која, пак, ги образложи одговорите.

Во однос на нејзиното неприсуство, Адеми потенцираше дека, како што рече „сите случувања што се случија во Судскиот совет на некој начин беа демотивирачки од професионален аспект“. На крајот се прочитаа и доказите.

Дисциплинската комисија составена од тројца членови треба да изготви извештај во рок од 15 дена и да го достави до целиот состав на Судскиот совет, кој потоа ќе одлучува дали таа ќе биде разрешена од функцијата во Врховниот суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ