недела, 20 октомври 2024

За судот во Кожани Центарот за македонски јазик во Грција ја загрозува јавната безбедност

Пресудата на Апелацискиот суд во Кожани против регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција е назадување на демократските слободи и прифаќање на теориите за историскиот притисок на домашната крајна десница, пишува грчкиот историчар Тасос Костопулос во својата колумна објавена во весникот Евсин (Efsyn). За пресудата на судот во Кожани, Костопулос вели дека е „сериозно назадување на полето на демократските слободи“.

Објавено на

часот

Сподели

На 16 март 2023 година, Основниот суд на Лерин, потсетува авторот на колумната насловена како „Македонскиот јазик е повторно забранет?“, одлучи да се регистрира Центарот како правен субјект во сите погледи, потсетувајќи дека уставно загарантираната слобода на изразување и здружување ги штити и „идеите и мислењата што не му се допаѓаат на мнозинството“.

Година и пол (и три изборни натпревари) подоцна, грчкото правосудство доаѓа да ја „корегира“ оваа раскрсница, која привремено го усогласи домашниот правен поредок со соодветното европско законодавство.

Според пресудата на Апелацискиот суд, постоењето на Центарот за македонски јазик „ги загрозува институциите на државата, јавната безбедност, националниот интерес и мирните односи со соседната држава Република Северна Македонија, затоа што намерно ја фалсификува историјата и антропогеографијата на регионот Македонија, за да се утврди постоењето и говорењето на ‘македонскиот јазик’ во соседните и граничните држави на Северна Македонија, главно погранични области, чиe население го зборува грчкиот јазик и е со чисто грчка национална свест“.

Коментирајќи ја пресудата, Костопулос пишува дека судот принуден да ја почитува „преспанската пита, со логичен скок го нахрани кучето на национализмот, тврдејќи дека македонскиот јазик (т.е. официјалниот јазик на државата Република Северна Македонија) никогаш не се зборувал на грчка територија за да може да се зборува за неговото зачувување“.

Мајчиниот јазик на Македонците кои зборуваат словенски не е баш јазик, туку природно инфериорен хибрид, пишува во пресудата. Според судиите од Апелацискиот суд во Кожани, македонскиот јазик е „говорен идиом кој на крајот завршува како креолски јазик на хетерогени популации. Овој идиом никогаш не добил писмо и затоа нема проза, нема поезија и книжевност, а наместо тоа има песни, чијашто продукција престанала веќе на почетокот на 20 век. Овој идиом што се зборува во одредени краишта на Македонија, историски е надраснат и ја изгубил својата корисност и со тоа има тенденција да исчезне во текот на следните една или две генерации“.

Костопулос се чуди како можело да се заклучи дека словенските дијалекти на Македонија се како креолски јазик. „Во лингвистиката, ‘креолите’ се јазиците создадени во европските колонии со мешање на јазиците на колонизаторите и поданиците (на пр. хаитски француски). ‘Екскреолизмот’ на македонскиот природно има идеолошки предзнак: негово сметање за ‘подреден’ јазик, недостоен за зачувување и заштита – размислување што го потврдува и вокабуларот на одлуката ‘помошен’ јазик, производ на ‘неписменоста’. Tоа било ‘историски надминато’…“, напиша Костопулос.

Тој ја поздрави реакцијата на Центарот за македонски јазик на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека ќе ги поддржи Македонците во Грција во барањето за нивното право. Од Центарот порачаа дека ова е нивна борба и дека не им треба помош од страна.

Taсос Костопулос е еден од најлиберланите историчари во Грција и автор на неколку книги меѓу кои и „Забранетиот јазик“, „Национални партии и раниот македонизам“…

Целта на Центарот за македонски јазик е зачувување на македонскиот јазик во Грција, организираше бесплатни онлајн курсеви по македонски и се залага за воведување на македонскиот јазик во јавното образование во Грција, како и за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во земјата. Други активности на Центарот вклучуваат поддршка за обука на наставници по македонски јазик, документирање на локални македонски дијалекти и следење на кршењето на човековите права на македонските говорници.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ