сабота, 27 јули 2024

За шверц на луксузни возила 20 лица добија кривични пријави, петмина се вработени во МВР

Објавено на

часот

Сподели

Јавната обвинителка, Наташа Сарамандова денеска информираше дека 18 лица се лишени од слобода, две се во бегство, додека за осум лица ќе биде отворена истражна постапка за кривично дело криумчарење, помагање во вршење на дело криумчарење и други кривични дела како што се фалсификување на службена исправа, фалсификување на исправа, помагање, односно прикривање на предмети прибавени со кривично дело криумчарење, па дури имаме и злоупотреба на лични податоци. 

„Овие возила биле предмет на кривично дело во други европски држави и предмет на меѓународна потрага со кривичното дело криумчарење, но потоа се прават фалсификатите, односно фалсификување на службена исправа, фалсификување на исправа за нивно регистрирање, односно легализирање, по што се преминува дури и на прикривање на кривичното дело со тоа што се препродаваат и тоа за многу кратко време од едно на друго лице за многу пониска цена се додека не се прикријат трагите од кривичното дело за да истите се продадат на физичко лице со вредноста којашто навистина би била проценета дека е од важност за тоа возило“, истакна Сарамандева.

Од 20-те осомничени лица, обвинителката информираше дека за две лица веќе и се водела постапка и оти така и почнал овој предмет, пет од нив се службени лица вработени лица во МВР во Одделот за управни работи, другите се физички лица кои веќе имале начини на примена на овие инкриминирани дејствија во повеќе наврати и едниот од нив е правно лице.

„Во моментов се лишени 18 лица од слобода, две лица се во бегство, против осум лица ќе бидат поднесени предлози за мерка притвор, од кои шест се веќе обезбедени, две од тие лица се во бегство, така и ќе биде предлогот, за определување на мерка притвор во бегство, а за останатите лица ќе бидат предложени мерки за обезбедување со оглед на тоа дека се работи за скратена постапка односно кривични дела за коишто е определена скратена постапка“, рече обвинителката Сарамандева.  

Од ЈО во писмено соопштение појаснуваат дека возилата, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа осомничените службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.

Како што се вели во соопштението, со цел да се прикријат трагите, автомобилите меѓусебно ги препродавале по неколкупати за краток временски период, по што трајно ги оттуѓувале на физички и правни лица во државава.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ